Големата сала на Оштина Охрид беше претесна да ги прими сите што дојдоа на Комеморативната седница свикана во знак на сеќавање на градоначалникот Јован Стојаноски, кој ненадејно почина во саботата, во 48 година од животот. На комеморацијата присуствуваа членовите на најтесното семејство, роднини, соработници, колеги, пријатели, како и претставници на Владата и партијата СДСМ чиj член беше Стојаноски.

Од прерано починатиот Јован прв се збогуваше премиерот Зоран Заев, кој истакна дека неговото заминување е загуба за градот, за државата, за партијата СДСМ и за академската заедница. Низ годините зад нас Јован даде огромен придонес со своето посветено работење, остави траги и предизвикуваше почит што секогаш ќе се паметат. Тој беше колега, пријател и голем професионалец, рече Заев.

  • Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина. Беше препознаван како човек пријател, сограѓанин со топла и непосредна природа, отворен за разговор за секој личен проблем, за секоја иницијатива и предлог, почитуваше и разбираше. Неговите постапки и однесувања со одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше со сите со кои соработуваше или се среќаваше. Тие вредности правеа од секој негов колега, соработник, пријател и од сите сограѓани во градот и пошироката заедница да му возвраќаат на ист начин – со длабока почит, рече меѓу другото Заев.

Во име на Собранието на Република Македонија од Стојаноски се збогуваше координаторот на пратеничката група предводена од СДСМ и пратеник од Охрид, Томислав Тунтев. Тој се присети на личните релации и разговори со Јован.

  • Секогаш сум подготвен да држам говори од говорница, но не за вакво нешто. Бавењето со политика знае да биде благородно и неблагородно, убаво и грдо, лесно и тешко, возвишено и разочарувачко, благодарно и неблагорадно, ценето и омаловажувачко. Но знам дека политиката ми даде добар, искрен и пожртвуван пријател. Јован друже, не се договоривме вака, рече Тунтев.

Од име на општинската администрација обраќање имаше секретарот на Општината, Игор Бежоски.

  • Со мене беше на последното службено патување во Скопје. Заедно го завршивме и последниот колегиум за буџетот на Охрид. Рече- во 2019 сакам да видам нови училишта, градинки, кејот, касарната. Сите овие проекти ќе ги реализираме, но жалам што нема да си тука да го видиш остварувањето на најважната цел, општината Охрид во твое време, целосно да се раздолжи. – рече Бежоски.

Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, изрази длабоко сочувство кон семејството Стојаноски за загубата, која, како што истакна, е и загуба за Охрид. Посенбо силно емотивни беа обраќањата на синот Димитар и братот Стојмир кои покрај големата болка за личната загуба се обидоа на јавноста да и пренесат дел од огромната љубов што нивниот татко и брат ја имаше кон градот Охрид.

Градоначалникот Јован Стојаноски ќе биде погребан денеска на Градските гробишта во Охрид.

OhridNews