Шест децении по тргнувањето во основно училиште, некогашните другарчиња и соученици од трите класа во ОУ „Св. Климент Охридски“, повторно се сретнаа во школскиот двор. Емотивата средба која разбуди многу спомени од детството започна пред некогашната зграда на ОУ „Св. Климент Охридски“ на калето, каде денеска се наоѓаат просториите на Дебарско – кичевската епархија.
-Нас ни велеа дека имаме највисока школа, се разбира поради тоа што нашето училиште беше сместено на највисоката точка во градот, низ шега се потсетува на школските денови поминати покрај црквата Св. Богородица Перивлепта, сега веќе пензионираниот сообраќаен инженер Јован Митрески.
Идејата за прославата се родила пред четири години од еден од класовите кои пред шест децении тргнал на училиште. Од генерацијата изнидрија многу еминентни личности, успешни луѓе кои учествуваат во целокупното живеење на државата, вели Митрески. Дел од нив специјално за средбата допатуваа во Охрид.
Јован учел во класот Б на учителката Елена Петкоска заедно со уште 42-ца соученици.
-Прекрасна личност, елегантна, извонреден педагог и учител со неверојатен дух. Таа знаеше се за нас, до кој степен ни е животот, какви проблеми имаме, кој што и колку може. – раскажува Јован.
Средбата на генерацијата продолжи со неформален час во училишниот амфитеатар во ОУ „Св. Климент Охридски“, кој го одржа наставникот по хемија Крсте Костоски, а заврши со заедничко кафе дружење.
Некогашните основци од „Св. Климент“ денес веќе возрасни луѓе најавија нова средба за неколку години, на следниот јубилеј, за да не исчезне споменот за безгрижното детство и детскиот дух кој се уште го носат во себе.
Г.М.
Фото: А. Момироска