По повод големиот христијански празник Велигден-Христовото воскресение, Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид викендов го посети геријатриското одделение при Општата болница во Охрид.
Дваесет и три овозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат, не пречекаа со насмевка на лицето и ни пуштија рака во знак на добродојде. Ним, од срце им го честитавме Велигден, ги прашавме како се, како се чувствуваат, како го поминуваат денот, им посакавме добро закрепнување, добро здравје и среќни моменти. Честитки за Велигден упативме и до целиот тим на одделението, предводен од доктор Соња, им посакавме добро здравје и им искажавме почит за нивната посветеност во зачувувањето на здравјето на луѓето за кои се грижат, изјави Стефан Димоски, претседател на Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид.
Средбата со највозрасните згрижени на Геријатриското одделение во Општа болница Охрид минала во емотивна атмосфера, а таква била и разделбата.
Баба Стојанка која има 96 години, баба Доста и останатите, не испратија со насмевка, од душа ни рекоа „да остарите и вие“ и не поздравија со најдобриот христијански и велигденски поздрав „За многу години“. Така срдечно и топло, од душа не поздрави и дедо Божин кој не испрати до врата, ги крена рацете високо и среќно, и ни рече „Бидете живи здрави, да живее Македонија, да се видиме пак“. Ќе се видиме дедо Божин, бабо Стојанке, баба Доста, ќе се видиме, со Господ напред, да сме живи здрави сите, за многу години. Благодарни сме што не примивте денеска и што со Вас, како наши пријатели, се почувствувавме посреќни, истакна Димоски.
Нашите дедовци и баби, нашите повозрасни претци, ја заслужуваат целата љубов и почит на овој свет. Тие беа и се, нашиот столб. Тие се вградија себе си во нас, во нашиот развој и во напредокот на Македонија, додава Димоски.
Г.М.