Владата ја запре продажбата на охридски ЕМО и скопски Охис и одлучи наместо на јавно наддавање овие две компании да ги продава на тендер.
Новиот модел ќе биде извршен со јавен повик за прибирање понуди, а примарни критериуми ќе бидат предложениот бизнис план и понудената финансиска конструкција. Основна цел, како што соопшти Владата, е овие две компании да бидат купени од стратешки инвеститор кој добро го познава бизнисот и ќе обезбеди ЕМО и ОХИС долгорочно да продолжат со работа, со освојување нови пазари и со развој на деловните активности преку дополнителни инвестиции.
Во периодот непосредно пред објавениот датум за финализација на продажбата, покрај инвеститори со ваков профил, интерес за купување покажаа и повеќе субјекти што не се дел од бизнисот на АД ЕМО Охрид и АД ОХИС Скопје и немаат интерес за проширување на бизнисот на овие две фирми, го објаснува својот потег Владата..
Заради ризикот од продажба на фирмите преку берза на субјекти со потенцијални интенции за распродажба на имотот на АД ЕМО Охрид и АД ОХИС Скопје без да се има предвид натамошниот развој и обезбедувањето егзистенција на над 3.000 вработени, Владата ја донесе одлуката за промена на моделот. Владата не отстапува од своите планови за продажба на акциите на АД ЕМО Охрид и АД ОХИС Скопје и во следните 15 дена ќе бидат дефинирани условите и критериумите на јавниот повик за доставување понуди со долгорочен бизнис план.
По оваа фаза, на транспарентен начин, согласно меѓународните стандарди и законската регулатива во Македонија, постапката за приватизација на АД ЕМО Охрид и АД ОХИС Скопје ќе биде завршена во најкраток можен рок, со цел да се овозможи влез на солиден стратешки инвеститор, наведува владиниот Сектор за односи со јавноствладиниот во соопштението.
По одлуката на Владата за стопирање на продажбата на ЕМО и Охис, што инаку требаше да се слуши утре, Македонска берза времено ја запре продажбата на акциите на овие две компании.
Г. Момироски