Постојат големи шанси некогашниот стопански гигант, загубарот ЕМО-Охрид, да биде продаден до крајот на оваа година, изјави за „Ohridnews“, пратеникот Александар Николоски.

Тој истакна дека за ЕМО заинтересираност покажала позната светска компанија и дека е можно позитивно да заврши повеќегодишната голгота на компанијата.

– Реномирана консултантска куќа наскоро ќе изготви проценка и проект за реструктуирање на ЕМО. Во ноември ќе биде распишан тендер за продажба со намалени критериуми, а единствен услов ќе биде новиот сопственик да ги задржи сите вработени во период од 5 години, изјави Николоски.

Според него продажбата на ЕМО сега е олеснета бидејќи државата поседува над 60% од акциите во компанијата. Николоски смета дека ЕМО може успешно да работи, но проблем претставува тоа што компанијата не може да обезбеди соодветна банкарска гаранција при учество на меѓународни тендери.

-ЕМО нема проблем со технологијата и пазарот, туку со пласманот. ЕМО зад себе нема банка која може да го следи и затоа е потребно компанијата да биде продадена на инвеститор кој ќе биде конкурентен на светскиот пазар, додаде Николоски.

Владата во изминатите две години распиша четири тендери и неколку пати ги менуваше критериумите за продажба на ЕМО. Дали најавата за ново намалување на критериумите и преструктуирањето на акционерскиот капитал кој сега е во доминантна сопственост на државата, ќе успее да привлече сериозен инвеститор останува да се види.

Ohridnews