Ротари Клубот Охрид после традиционалната летна пауза, го одржа првиот редовен состанок за актуелната ротаријанска година.

На состанокот стана збор за активностите и настаните кои беа реализирани во ротаријанска година која измина, како и идните планови и активности кои претстојат за тековната година, а исто така се изврши и примопредавање на претседателската и секретарската функција, со што паст претседателот на клубот Олег Маленко, во присуство на членовите на клубот, свечено му го предаде Ротаријанскиот ланец, заедно со инсигниите на идниот претседател Емир Муфти кој го презеде мандатот и претседателството на клубот за оваа ротаријанска година, додека за секретар на клубот беше назначен Драги Здравески  информираат од клубот.

Паст претседателот Олег Маленко пред присутните се заблагодари за довербата и изрази чест и задоволство за досегашното раководење со клубот, среќен што раководството го презема Емир Муфти, кој исто така ја изрази својата силна волја за понатамошно успешно работење на клубот и оставање на неизбришливи траги од успешното егзистирање на клубот во нашата заедница и пошироко.

При овој свечен настан, Ротари Клубот Охрид беше почестен и со присуството на Гувернерот на Ротари Дистриктот 1912 за Словенија и Макединија – Мирослав Штравс кој го посети Ротари Клубот Охрид како прв клуб при неговата посета на клубовите низ Македонија.

Воедно Гувернерот изрази чест и задоволство што присуствува на ваквиот настан, особено во град како што е Охрид и исто така на претседателот му ги предаде обележја за неговата ротаријанска година, потенцираат од клубот.

Меѓу другото, Ротари Клубот од Охрид важи за еден од првите Ротари клубови во Македонија и претставува важна алка на Ротаријанството како во Македонија, така и пошироко, клуб кој со својата долгогодишна дејност се истакнал со проекти од голема важност за нашата заедница, градот Охрид, околината и државата, притоа соработувајќи со клубови во и надвор од нашата земја на локални и меѓународни проекти кои до ден денес се во директен бенефит особено на нашата локална заедница.

OhridNews