Опасностите од глорифицирање на креативната работа и уметноста за политички и бизнис цели, беа главна тема на предавањето кое се одржа вчеравечер на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ како дел од проектот „Креативна работа во пост-комунистички земји“, реализиран од Културниот центар „Медиа Артес“ од Охрид.

Предавањето го водеа еминентните професори Росалинд Гил и Енди Прат од City University of London од Лондон. Професорката Гил во своето предавање се осврна на родовите, расните и етничките нееднаквости во креативните индустрии, додека пак професор Прат говореше за улогата на креативните индустрии во локално-економскиот развој.

Професорката  Гил е светски позната по своите истражувања од областа на родовите студии, пост-феминизмот и креативната работа, а професор Прат е светски признат и познат експерт за креативни индустрии. Тој е авторот на сите дефиниции и концепти поврзани со креативните индустрии со кои оперираат Обединентите Нации. Тој е авторот и на УНЕСКО студиите за културни и креативни индустрии.

Домаќин на предавањето беше доцент д-р Ана Алачовска која ги сподели податоците од истражувањето на креативната работа во Македонија и Албанија.

Предавањето е дел од програмата Regional Reserch Promotion Programme for Western Balkan, финансирана од швајцарската агенција за развој и соработка, под раководство на Универзитетот во Фрајбург.

OhridNews