Американскиот рапер Еминем барал два милиони долари за настап на приватна забава пред Суперболот, големото финале во американски фудбал. Оваа сума била превисока дури и за челниците на американската Национална фудбласка лига кои глатко ја одбиле понудата на популарниот рапер, чиј албум “The Marshall Marthers LP2”, објавен минатиот месец, доминира на листата со хитови.

Според медиумите, организаторите потоа му се обратиле на Кање Вест, кој исто така бил одбиен иако барал „само“ милион долари. По лошото искуство со раперите, официјалните лица на американскиот фудбал одлучиле да ја повикаат аренби пејачката Џанел Моне која се согласила да пее и да ги забавува гостите за скромни 150 илјади долари. После минатогодишниот настап на Бијонсе, сцената на Метлајф стадионот во Њујорк на полувремето ќе го дочека Бруно Марс, кој оваа година постигнал забележан успех со песната “Treasure”.