Музичката икона Елвис Присли поминал без поголеми проблеми пред безбедносната проверка на аеродромот во Амстердам и лесно се пријавил на еден од летовите.
Холандскиот експерт за безбедност, Јерон Ван Бик, малку си поиграл со современиот систем за пријавување на патници во аеродромот во Амстердам. Тој сам изработил пасош на име Елвис Присли со фотографија од покојниот музичар и се пријавил за лет на едно од местата каде што патниците сами можат да се регистрираат.
Откако компјутерот ги обработил податоците, поминал преку фактот дека фотографијата не одговара на човекот кој се пријавува и дека наведената земја не постои.
Откако откриле дека безбедносниот систем им е преполн со недостатоци, холандските политичари поднеле барање до министерката за внатрешни работи да поведе истрага за безбедносните услови на аеродромите и системот за пријавување на патници.