Жителите на селото Елшани бараат работниците на Македонија пат-секција Охрид парчето дрво со ликот на Богородица кое тие го пресекоа од стогодишна врба при неодамнешното уредување на регионалниот пат кај кампот Елешец, да и го подарат на локалната црква Св. Илија.


Ликот на Пресвета Богородица се појави во срцевината на стогодишна врба

– Со оглед  дека  пресеченото дрво- крајпатната врба  се наоѓа во Елешец, односно во атарот на селото Елшани, сметаме дека оваа чудесна  и  света  божја икона   насликана во срцевината на врбата, припаѓа на елшанската  катастарска област , па според сите морални и природни норми,најпрвин требаше да биде понудена на црквата “С. Пророк Илија“ во Елшани. Токму поради овој факт  апелираме до   вработените  од  “Македонија пат”  и до нивната Управа, како и до парохискиот свештеник  на црквата “Света Троица” да ја понудат оваа несекојдневна божја икона на нашата црква, каде ќе биде поставена  и заштитена за да сведочи за Божјите Чудеса  кои Бог ни ги испраќа. – се вели во апелот што до вработените во „Македонија пат“ го упати здружението на граѓани “Родољуби Св. Илија“ од Елшани.


Елшанци сметаат дека необичната икона треба да се чува во нивната црква

Како што објави OhridNews, необичниот настан се случил при сечење на врба која била надвисната на патот. Работниците Владо Смически и Крсте Пешкоски забележале како во срцевината од дрвото се појавува ликот на  Пресвета Богородица, по што внимателно го пресекле парчето дрво кое има форма на свеќа. Иконата што на чудесен начин ја насликала природата тие ја исчистиле и заштитиле со безбоен лак и планираа да ја предадат на црквата Св. Троица во населбата Радојца Новичиќ, но сега неа ја бараат и жителите на Елшани во чија близина се случи настанот.