Традиционалната награда „Струшко изгрејсонце“ која се доделува за книга за деца и млади од македснски автор, годинава ја доби писателката Ели Маказлиева за книгата „Весели песни со букви лесни“ во издание на „Едука Мак“ од Скопје.

Станува збор за мошне едукативна, полезна и поучна книга за буквите од македонската азбука проследени и обогатени со прекрасни илустрации од Игор Јовчески.

Поетесата Ели Маказлиева, која со години по ред работи и истражува во полето на литературата за деца и млади, водела доволно грижа за возраста и предзнаењето на читателите, па подготвила песни кои освојуваат со својата едноставност, певливост и ритмичност. Како што и самиот наслов на книгата говори, „Весели песни со букви лесни“ е неопходна сликовница за секое дете, која треба да се најде и во секој наш дом.

Ели Маказлиева е автор на голем број изданија за деца и млади и гласен и одговорен уредник на списанието за најмладите Смешко. Нејзина специјалност е воспитанието и образованието на децата и е магистер по педагошки науки. Основач е на Издавачката куќа Едука Мак од Скопје.

Наградата Струшко изгрејсонце ја доделуваат Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје.

Инаку, досегашни добитници на наградата се писателите: Киро Донев, Панде Манојлов,  Петко Шипинкаровски, Добре Тодоровски, Трајче Кацаров и Васил Тоциновски.

OhridNews
Извор:„Макфакс“