ЕЛЕМ не чувствува одговорност за вискокиот водостој на Охридското Езеро, што предизвика штети во делови од крајбрежјето, поради што угостителите неодамна се заканија со тужба. Велат дека тоа е последица на природните осцилации и тврдат дека одговорно се стопанисува со водните ресурси на езерото. Дел од одговорноста за настанатите штети, според ЕЛЕМ, имаат самите угостители.
-Мора да се има предвид дека и угостителите и сите оние чинители кои имаат изградено објекти, ги имаат изградено на делови од езерото кои претходно биле под вода во еден извесен период. Во изминатите години нивото на Охридското Езеро било повисоко од сегашното. Угостителите веројатно при нивната желба за што е можно поголем профит ги градат објектите и рестораните во друг дел каде немаат надлежност. – вели директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски.
Во март Охрид два пати беше погоден од невреме при што најмногу штети имаше на летните тераси и платформи на угостителските објекти во центарот на градот кои се изградени во вода. Водостојот на езерото и натаму е висок и може да предизвика нови проблеми предупреди неодамна Еснафот на угостители. Локалната самоуправа најави помош за оштетените граѓани, но предупреди дека нема да има отштета за објектите изградени без соодветна документација, индиректно оспорувајќи ја легалноста на платформите и терасите изградени во вода.
Но, проблемите на угостителите не го оспоруваат фактот дека Охридското Езеро, кое е најголем басен со питка вода во овој дел од Европа и светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, со децении се користи како акумулација за производство на електрична енергија.
-Нашите акумулации имаат брани, а Охридското Езеро нема брана. Ако за брана се смета испустот на реката Дрим во Струга тогаш таа брана е минимална брана. Охридското Езеро не можеме да го користиме како акумулација, ние само правиме оптимално користење на водата од Охридското Езеро. – истакнува Миновски.
Директорот на ЕЛЕМ најави модернизација на испустот на езерото во Дрим, но не исклучи можност од изградба на нова хидроелектрана.
-Наредната година предвидена е замена и модернизација на испустот на Црн Дрим, но и ќе се испита можноста за изградба на мала хидроелектрана за дополнително искористување на хидропотенцијалот на Охридското Езеро. – истакна Миновски.
Како ќе се искористуваат водните потенцијали на Охридското Езеро во иднина во голема мера ќе зависи од ревидирањето на билатералниот договор со Албанија, на кој работат работни групи од двете земји.
Г.М.