Пајаците може да имаат огромна улога во обновувањето на оштетувањата на нервите. Д-р Кристин Ратке, професор и специјалист за пластична и реконструктивна хирургија при медицинскиот универзитет во Виена, Австрија, користела во мали количини силна пајакова мрежа за заздравување на оштетувања на нервите подолги од 5cm. Пајаковата мрежа е многу цврста, но и многу еластична, две особини кои ретко се наоѓаат заедно.

Оперативната техника на д-р Ратке вклучува полнење на вени со пајакова мрежа како водечка структура. Доколку ви недостига дел од нерв, преостанатата структура од нервот ќе мора да го надополни тој дел со растење. Но, за нервот да ја пронајде вистинската насока во која треба да расте, треба да има структура која ќе го води. За жал, повеќето материјали го спречуваат растот на нервите. Пајаковата мрежа е материјал кој нервите го прифаќаат и го следат неговиот патоказ за растење, смета д-р Ратке.

Со испитувања врз животни, овој метод се покажал како ефикасен за обновување на оштетувања на нервите долги дури 6cm. Нервите заздравувале правилно за девет месеци. За овој период пајаковата мрежа се распаднала природно без никакви негативни последици.

Научниците се обидувале да направат вештачка пајакова мрежа во лабораторија, но таа не била ефикасна како вистинската. Нема ни потреба да се прави вештачка пајакова мрежа. Со само 21 пајак во лабораторија, може да се соберат 200 метри пајакова мрежа за 15 минути, без притоа да се повредат пајаците. Неколку стотици метри се потребни за да се направи мост на нервите долг 6cm. Д-р Ратке се надева дека во иднина ќе може да го зголеми бројот на пајаци на 50.

„Го тестиравме овој метод врз животни и знаеме дека функционира, сега само ни треба сертификат за нашата пајакова мрежа, што е веќе во процедура“- додава д-р Ратке.

A.М.