Битолскиот состав Еурофарм Пелистер со пораз ги започна натпреварите во Европската ракометна лига, откако претрпе минимален пораз 30-29 (14-14) на гостувањето кај данскиот клуб ГОГ Дугме.
„Фармацевтите“ беа многу блиску до триумфот бидејќи водеа со 29-27, но потклекнаа во финишот и од Данска се враќаат со празни раце. „Зелено белите“ во европската премиера за сезонова не ги искористија ниту расположените Благојче Трајкоски кој собра 15 одбрани, Стипе Мандалиниќ и Томислав Кушан кои искомбинираа 19 погодоци.
Тажен сум за поразот, но горд на момците за играта во текот на целиот натпревар. Играта против ривал каков што е тимот на ГОГ Дугме бара многу трчање, борба и концетрација. Ние го имавме сето тоа во 60-те минути и мали нијанси одлучија кој ќе победи. Мора да се напомене дека официјален натпревар ние играме после цели осум месеци и ќе признаам дека ракометот ми недостига. – изјави тренерот Жељко Бабиќ.
Следниот натпревар Еурофарм Пелистер ќе го игра на домашен терен против швајцарскиот Кадетен Шафхаузен.
OhridNews