Одиграна е првата половина на натпреварите од второто коло во кошаркарската Евролига. Во Ц групата, натурализираниот Македонец, Лестер Бо Мекејлеб, го предводеше Монтепаски до победата во Виљнус, кај Лијетувас Ритас.

Во победата на Монтепаски од 79:75, Мекејлеб постигна 14 поени (5-9 шут од поле), на кои придодаде 2 скока, 2 асистенции и 3 украдени топки. Против „своите“, одлично во дресот на Монтепаски одиграа Кшиштоф Лавринович (13 поени, 7 скока) и Римантас Каукенас (16 поени). Победа како гостин во Шоле забележа Барселона. Во победата на актуелниот европски првак од 84:77, најефикасни беа Лорбек со 20 поени и Ндонг и Наваро, кои постигнаа по 16, односно 15 поени.

Најголемото изненадување го направи Бамберг, предводен од Боби Браун (23 поени) германскиот претставник со 73:61 го совлада фаворитот Олимпијакос. Покрај Браун кај Бамберг се истакнаа Хајнса со 14 и Гавел со 11 поени. Екипата од Атина ја предводеа Папалукас со 13, односно Теодосиќ и Спанулис кои постигнаа по 11 поени. Во вториот натпревар од оваа Б група, Рома во Белгија ја победи екипата на Шарлроа со 64:55.

Во А групата, во Белград Партизан го победи Химки со 72:68. Американците Џаваја со 15 и Лафајет со 14 поени беа најефикасни во редовите на „црно-белите“.  Каха Лаборал во оваа група победи нагостувањето во Полска, кај екипата на Проком. Шпанскиот шампион победи со 80:73, предводници во триумфот беа Уертас (12 поени, 5 скока, 8 асистенции), Бараќ (18 поени, 9 скока) и Талетовиќ (17 поени).

Еден натпревар се одигра и во Д групата, во Истанбул, Ефес Пилсен убедливо со 79:63 ја совлада Валенсија. Ракочевиќ за Турскиот преставник постигна 20 поени, во чекор го следеа Тортон (19 поени, 10 скока) и Тунџери (16 поени).

Вечерва второто коло во Евролигата ќе биде комплетирано со одигрувањето на натпреварите: Цибона-Фенербахче, Реал-Уникаха, Панатинаикос-ЦСКА Москва, Макаби-Жалгирис и Армани џинс Милано-Олимпија.

“извор Макфакс“
Ohridnews