Реномираниот ланец хотели „Ексцелзиор“ ќе гради хотел во Охрид, најавува локалната самоуправа. Локацијата е во атрактивната населба Горица исток, на околу 400 метри од Охридското Езеро.
Според најавите на началникот на секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, во Горица исток ќе се гради голем хотелски комплекс. „На 30.8.2006 година потпишан е протокол со холандската групација „Ексцелзиор“. Тие веќе го имаат откупено земјиштето од приватно лице, а ние презедовме обврска дека до крајот на 2007 година ќе го донесеме урбанистичкиот план така што тие несметано ќе можат да градат“, ни изјави Арнаудоски.
Хотелот „Ексцелзиор“ќе се гради на површина од околу 4000 метри квадратни, а ќе има корисна површина од околу 30.000 метри квадратни. Целата инвестиција се проценува на седум до осум милиони евра, рече Арнаудоски.
Во интерес на инвестицијата, Советот на општина Охрид вчера го донесе Нацрт деталниот урбанистички план за дел од населбата Горица исток, со образложение дека согласно потпишаниот протокол доколку до крајот на годината не се донесат потребните урбанистички решенија може да пропадне целата инвестиција.
„Ексцелзиор“ е трето големо име од светскиот хотелски бизнис што и се пласира на јавноста во Охрид. Претходно се најавуваше изградба на „Радисон“ кај „Палас“, па на „Хилтон“ кај Горица втора, но од тоа не испадна ништо. Оттаму и јавноста, но и дел од советниците се претпазливи , а некои дури и се сомневаат во најавите на локалната самоуправа дека бренд компанија ќе гради на атрактивната локалција во населбата Горица исток. Сопствениците на земјиштето и посредниците во оваа бизнис зделка беа присутни на седницата на Советот вчера, но не сакаа да зборуваат за најавената холандска инвестиција.
Г. Момироски