Бидејќи се наоѓаме во периодот во кој што уште една генерација на матуранти за извесно време ќе биде вклучена во проектот Екстерно проверување, (без разлика што јас веќе не сум директно засегнат со овој проект како родител) би сакал преку вашиот и наш ценет медиум да го искажам своето мислење и да отворам полемика за неговата целисходност и смисла од понатамошно имплементирање во основното и средното образование – проект кој пред се е контроверзен, недоволно осмислен, со одредби во законот кои се:
– нејасни,
– непрецизни,
– непотполни,
– двосмислени и противречни, во расчекор со позитивните законски прописи, спротивни на Уставот и на законите, со низа пропусти, најмалку од техничка природа кој што заради бројни недостатоци во неговата методологија е толку критикуван и оспоруван, и како резултат на сето тоа во суштина е доведена во прашање неговата регуларност, што пак секако предизвика бурни реакции од сите инволвирани страни уште на почетокот на неговата примена во 2012/13 година, а сепак се турка и понатака – кучињата лаат, караванот си врви…. Би сакал да појаснам зошто велам нерегуларен, дали е во ред ученикот што има оценка недоволен (1) по некој предмет а преоѓа во наредна година на образование??. Ова е само еден сегмент од низата контроверзи на проектот.

 

Со воспоставувањето на овој проект, кој предизвика толку многу дискусии, полемики и револт, напаѓан и оспоруван на секој чекор како никој проект досега, институциите кои што се јавуваат во својство на негови организатори т.е. Државниот испитен центар во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, покажаа дека не се способни да ја извршат целта заради која се формирани и заради која егзистираат- унапредување на образовниот систем во Република Македонија а посебно нешто што уште повеќе треба да не загрижи што во овој„ проект“ нашите деца се третираат само како бројки кои што понатака статистички ќе се обработуваат. Извинете г-да Кралев, Ристоски, Тодоров и Адеми, меѓутоа нашите деца не се бројки.

Читајќи ги овие редови претпоставувам дека секој од вас драги читатели ќе се запраша кој е овој што го пишува текстов и што му текнало да пишува за еден ваков „проект“ , па би сакал да појаснам со оглед на тоа дека бев долги години активен член на советот на родители и во основно и во средно образование а и како поранешен член на Училишен одбор, во нашата гимназија, мислам дека доволно ја познавам оваа проблематика, а бидејќи сум и подносител на Иницијатива и до Уставниот Суд на Република Македонија баш за екстерното проверување, горенаведеното ми дава за право јавно да го искажам своето мислење за овој проект и одредбите од Законот за основно и средно образование кои што ја уредуваат оваа проблематика. Какви ни се законите за основно и средно образование доволно говори и податокот дека од неговото донесување истите се изменувани и надополнувани речиси триесет пати. Таленти сме за импровизација – нема што.

Но да се навратам на проектот екстерно проверување и да го образложам насловот на текстот: Екстерно…… секако – да , меѓутоа за кого? Ќе наведам 10 ( десет) институции или лица за кои што е потребно екстерно проверување, а во никој случај не за оние за кои што во моментов е истото наменето.
Значи според мене, со проектот екстерно проверување треба да бидат опфатени:

1.Екстерно за Уставниот суд – сите негови членови , а посебно неговата поранешна претседателка Елена Гошева затоа што не најдоа за сходно да ја постават на седница иницијативата У – бр. 132/2013 што е поднесена уште во 2013 година, и сега бидејќи е од 2013 година веројатно е некаде фрлена во некој ќош па или неможат да ја најдат или е полна со прашина,или уставните судии се плашат од бубараци, па сега треба да пишувам нова. Но да бидам малку посериозен, просто е незамисливо повеќе од три години институцијата која што треба да биде синоним и олицетворение на владеењето на правото во ова држава да се однесува толку индеферентно, напротив, според деловникот и уставот, Уставниот суд бил должен самоиницијативно да расправа и да донесе решение за неуставност на целиот проект и негово стопирање. Но од овој состав на Уставниот суд тоа е илузорно и да се очекува. Клиентелизам напред -стоп за правото. Уставниот суд во рикверц да се движел понапред ќе стигнел.

2.Екстерно за Кралев, Тодоров, Ристоски и Адеми кои што како ресорни министри по секоја цена го “туркаа“ проектот и покрај бројните реакции години наназад од сите инволвирани страни и субјекти. Колкав е интелектуалниот потенцијал на некои од нив тешко дека би поминале и на некој предмет од основно образование.

3.Екстерно за вработените во Државниот испитен центар и Бирото за развој на образование, кои што подготвувајќи ги прашањата се надминале себе си па поставиле прашања во стилот: Колку ангели можат да застанат на врв од игла ? ( со должна почит кон ангелите), или како се вика десното топче на главата на полжавот каде што му е окото или Колку овци имала Австралија 1961 година ??? што секако допринесува за развој на образованието и на воспитно образовниот процес во целина. Јас во овој контекст би сакал да додадам уште едно прашање во стилот на сериите кои што ги гледаме на телевизија, а прашањето би било :Што направил Хорацио кога во еден момент од животот сватил дека сам себе си си е татко ????, оставам на вработените во овие институции да одлучат за која категорија на ученици ќе биде прашањето и по кој предмет, бидејќи прашањето е доста сеопфатно и темелно и од суштинско значење за успех на проектот а секако и за квалитетна едукација на учениците.

4. Екстерно за синдикатот на СОНК и дел од професорите кои што се вклучија во штрајкот од 20.01.2015 година каде што би сакал да го парафразирам првото барање- Цит:Суспендирање на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното оценување на учениците…., зав. цитат, и подолу во барањата следат уште неколку барања …….. замислете кое лицемерие на наставниот кадар, никаде во барањата не стои укинување на екстерното туку само укинување на казните, што би рекле народно тие да си се спасат од казните а за другите баш им е гајле. А тие другите не се никој друг туку нивните ученици, кои што во нив гледаат нешто свето, но очигледно нивниот повисок интерес им бил побитен од нивните воспитаници. За жал голем дел на наставници одамна ја заборавиле воспитната компонента во воспитно-образовниот процес, дозволувајќи субјективизмот , клиентелизмот и егоизмот да преовладуваат со нив а одредени аспекти од штрајкот истото го потврдуваат.

5.Екстерно за ресорните министри во МОН за проектот компјутер за секое дете, кој што проект е непосредно поврзан со проектот екстерно тестирање, бидејќи учениците на него и ги полагаа предметите, меѓутоа и овој проект ( како и повеќе други) заради несоодветна методологија во неговата имплементација доведе до појава учениците да се сопнуваат на каблите во училниците да туркаат маси и сл. и проектот ( како што рече една директорка на средно учлилиште во градов во емисијата 99 % на телевизија ТВМ од 20.10.2015 година) се претвори во крш.

6.Екстерно за Ристоски и Адеми (повторно) за неуспешниот обид да го прекинат бојкотот на средношколците во врска со проектот “Државна матура„ во 2015 година, при што групата на предмети кои што требаше да ги полагаат учениците, зависеше каква е вечерта месечината. Но учениците покажаа дека не е точна изреката: Зид со глава не се турка, напротив – се турка само треба глави , и на крај не попуштија некој со сомнителни дипломи да им ја кројат судбината, а мене ми е посебно драго што заедно со неколку родители бевме дел од тоа, за разлика од некои кои што учениците ги поддржуваа со лајкови.

7.Екстерно за цела Влада која што го форсираше проектот ( го гледавме преку владините реклами ) -сите завршени средношколци да се запишат на факултет-рекламата одеше вака: 98,5 % се запишале на факултет и студираат, (а ако го додадеме испружениот среден прст на Амди Бајрам би биле 103,2%). Меѓутоа мора да се признае дека најголема придобивка на овој проект секако е што голем дел на владини функционери магистрираа, а Горде докторира. 

8.Екстерно за бифтекот од 5.200 денари и свечените ручеците на ресорните министри со поприлично “дебели“ сметки на кои што би му позавидел и шеикот Тамим бин Хамад ал -Тани од Катар. А тоа што студентскиот дом “Гоце Делчев “ се распаѓа, тоа што во него идните академски граѓани живеат во услови соодветни за снимање хорор филм за надлежните лица и институции е воопшто небитно. 

9.Екстерно за наставничката војник крстоносец од Битола 

10.Екстерно за уште еден од низата на „проекти “ кои што обезбедија далеку од успешна работа на ТАВ Македонија ДООЕЛ за што мислам дека од ова аеродромско претпријатие им се трајно благодарни.

На ова тема немам што повеќе да додадам, повеќе знаат оние кои што стегаат заби за да заминат надвор, кои што си честитаат родендени и крштевки преку Скајп и Вибер, кога ви се кине дел од срцето а душата ви се телепортира некаде далеку, заминувајќи некаде незнаејќи што таму ги чека, а верувајќи дека сепак нешто ги чека, наспроти цврстото убедување дека овде нити нешто се случува, нити може да се случи нешто вредно за очекување.

Рајко Домазетоски

Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите