Серија координирани експлозии се случија во неколку туристички градови во Тајланд, при што има четворица загинати, а многумина се повредени, јавија светските медиуми.
Во популарното туристичко место Хуа Хин, четири бомби експлодираа за помалку од 24 часа, а неколку експлозии се слушнаа и на остров во покраината Пукет. Се уште никој не ја презел одговорноста за нападите, но се претпоставува дека тоа се сепаратистичките групи. Напаѓачите се фокусираа на туристички места, а извештаи за повремени експлозии се уште пристигнуваат.

Хуа Хин се наоѓа на 200 километри јужно од главниот град Банкок, додека провинцијата Пукет е далеку појужно. Двете места, како и Панг Нга се познати по своите песочни плажи.

Еден очевидец видел две експлозии пред полициска станица во рок од половина час. Друга експлозија се случила во близина на часовничката кула во центарот на Хуа Хин. Безбедносни сили се распоредени во центарот на градот. Полицијата вели дека имаат осомничен, но исклучуваат можност за меѓународен тероризам.

Новинар на ББЦ од Банкок вели дека ако се покаже дека зад нападите стои сепаратистичката група, тоа ќе биде значајна тактичка промена по 12 години конфликт во кој се убиени повеќе од 6.000 луѓе, затоа што никогаш до сега тие не нападнале туристи. Нападите јасно покажуваат дека целта се туристи. Експлозиите во Хуа Хин, вчеравечер, се случиле во близина на зона со кафулиња полна со туристи и странци, од кои многумина беа повредени.

Експлозиите доаѓаа една година по нападот во Банкок кога беа убиени 20 луѓе.

OhridNews
извор Макфакс