Четири лица загинаа, а 38 се повредени во експлозијата што денеска се случи во најпознатата улица и пешачка авенија во Истанбул, Истиклал, изјави гувернерот на Истанбул, Али Јерликај.
Како што јави турската телевизија НТВ, експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога улицата била преполна.
На местото на настанот има полиција, амбулантни и противпожарни возила.
Турскиот огранок на американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен во првиот извештај објави дека во експлозија на улицата, која е популарна меѓу туристите и локалните жители, со голем број продавници и ресторани, има 11 повредени лица.
Продавниците се затворени, а причината за експлозијата не е позната.
По првите медиумски извештаи, турската агенција за надзор на медиумите воведе привремена забрана за известување за експлозијата – потег што ги спречува медиумите да емитуваат видео снимки од моментот на експлозијата или последиците од неа.
Ниту еден македонски државјанин не побарал помош од МНР по експлозијата во Истанбул
Досега не се пријавени наши државјани кои побарале помош по експлозијата во Истанбул, информира Министерството за надворешни работи (МНР).
Министерството за надворешни работи со крајно загриженост ја следи ситуацијата по последната трагична експлозија во Истанбул и во вонредна функција се ставени Генералниот конзулат во Итанбул како и Амбасадата во Анкара. При евентуална потреба за помош нашите државјани може да нѐ контактираат на дежурните телефонски броеви: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје, велат од МНР.
Сочуство од премиерот Ковачевски за загинатите во експлозијата во Истанбул
Премиерот Димитар Ковачевски упати сочуство до турскиот народ за загинатите во денешната експлозија во Истанбул.
Упатувам длабоко сочуство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот на Истанбул и до турскиот претседател по денешната експлозија во срцето на Истанбул, напиша Ковачевски на Твитер.
OhridNews
Фото: МИА