Во Охрид денеска требаше да допатуваат вештите лица од Хрватска и Словенија кои се дел од истражниот тим кој работи на расветлување на причините за несреќата на бродот „Илинден“ кој на 5-ти септември потона во Охридското Езеро, при што животот го загубија петнаесет бугарски државјани.

Експертите, како што е најавено, треба да извршат финално вештачење на бродот „Илинден“ кој по извлекувањето од езерските води е закотвен во каналот Студенчишта. Истрагата треба да ги открие причините за трагедијата, за која засега единствено се товари капетанот на бродот „Илинден“, дваесет и три годишниот Сотир Филески, кој од 5-ти септември е во притвор.

-Сеуште е рано да зборуваме за некаков финален извештај бидејќи не е направено завршното вештачење кое треба да ги открие причините како се случила бродската несреќа. Дали освен обвинетиот капетан кој се наоѓа во притвор ќе има проширување на истрагата и на други лица ќе се знае тогаш кога ќе заврши вештачењето, изјави вчера јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Шврговски.

И покрај  најавите, од оправдани причини, денеска во Охрид нема да  допатуваат дел од вештите лица од странство. Поради тоа се одложува и  увидот на бродот „Илинден“.

Во досегашниот тек на истрагата што ја води судијата од Основниот суд во Охрид, Весна Кичеец, сослушани се повеќе сведоци и лица кои имаат корисни информации за случајот, а исказ вчера даде и Душко Баиќ овластен претставник на осигурителната компанија „Лојд“ од Германија.


Ohridnews