Во услови на политичка криза државниот врз не обраќа доволно внимание на бегалската криза, што може да има далекусежни последици по безбедноста на земјата, сметаат експертите. На трибината што во организација на Балканскиот форум за безбедност се одржа денеска на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид беше истакнато дека во изминатите два месеца над 250.000 бегалци од блискиот и средниот исток и Африка поминале низ Македонија и дека не се исклучува можноста дел од нив да останат во земјата.

-Меѓу овие бегалци кои се присилени да ги напуштат своите огништа заради виорот на војната во своите земји можат да се поткрадат или да пројдат непосакувани гости, луѓе кои доаѓаат со разни идеологии и имаат определени задачи за непријателски активности во земјите низ кои проаѓаат. Покрај тоа што самата бегалска криза е своевиден безбедносен и здравствен проблем за граѓаните во Република Македонија, потпомогната од ситуацијата во која се наоѓаме и кризите кои се актуелни во земјата таа има посебна тежина од безбедносне акспект и навистина структурите задолжни за безбедноста во државата мора да посветуваат многу поголемо внимание. – изјави Благоја Маркоски од Балканскиот форум за безбедност.

Дополнителен проблем според стручњаците претставува кратењето на средствата од буџетот за армијата и партизација на безбедносните сили, како и фактот што земјата се уште не е членка на НАТО. Генералот во пензија Миле Николоски смета дека после 2001 година немало поголема криза од сегашната.

-Јас сум загрижен за безбедносната ситуација во Македонија. Ако на тоа додадеме се што се случува во одбрамбениот сектро, имаме намалување на буџетот на  армијата, потполна партизација на армијата и полицијата, сето тоа ја прави Република Македонија од безбедносен аспект многу кревка. – вели Николоски.

Според универзитетскиот професор Јове Кекеноски бегалската криза покрај страв кај домашното население предизвикува и поделби меѓу граѓаните.

-Не смееме да ги заборавиме оние политички и верски импликации кои ни се присутни со самиот почеток на кризата. Сите знаеме дека бранот бегалци предизвика голем страв по однос на нашата иднина, од друга страна ги поларизира односите помеѓу луѓето кои се повеќе националистички определени и тие што се хуманитарци, меѓутоа добро е што Македонија ја покажува својата хуманост и не дозволи националистите да преовладаат во оваа ситуација. – рече Кекеноски.

Кекеноски изнесе тези дека актуелната бегалска криза всушност е добро осмислено сценарио, според одредени индикации на Германија за да ги задоволи потребите од работна сила, или според други од Израел за остварување на вековната идеја за создавање голем Израел и дека всушност армијата на Исламска држава е производ на тајната служба на оваа земја „Мосад“ и работи во нејзин интерес.

Г.М.