Мигрантската криза е на самиот почеток и таа допрва ќе ескалира, смета Јован Ковачиќ, коосновач на „Ист вест бриџ“, претседател на европската група на влијателната трилатерална комисија за Србија, поранешен новинар и аналитичар. Според него во голема мера тоа се должи на бавната реакција на Европската унија, но и на одредени земји членки како Грција, од што последици трпат и регионот, но и мигрантите.

-Единствен начин да се реши овој проблем е да се воспостави многу подобра, побрза и сеопфатна соработка на сите земји во региониот. Грција не може да се однесува на начин на кој се однесува, па го сакаат Солун, па ја сакаат Атина, тие се прва земја на влез и мора да споделува информации, на тие луѓе треба да им се помогне. Доаѓа зима и не знаеме каков ќе биде вториот бран на бегалци, имајќи го во вид овој бран на мигранти меѓу кои има многумина со пари, има тука и образовани луѓе, интелектуалци, професионалци, a има и земји во Европа кои посакуваат таков кадар, но се плашам дека вториот бран нема да биде таков. – вели Ковачиќ.

Според Ковачиќ Македонија и Србија кои се силно погодени од бегалската криза, повеќе ќе почувствуваат економски последици, бидејќи крајната цел на мигрантите е Европа каде условите за живот се подобри. Сепак тој предупредува дека доколку воените дејствија на блискиот исток продолжат, во зимскиот период регионот би можел да се соочи со нов, поголем бран мигранти, кои многу веројатно и ќе останат да живеат на европско тло.

-Голем број од мигрантите најдоа спас во европските земји, каде најдоа и работа. Единствено би се вратиле во родниот крај да го продадат својот имот. Постои уште еден проблем. Не знаеме како ќе се заврши конфликтот во Сирија и војната со Исламската држава. Доколку брзо се заврши, за година дена, тогаш има некакви шанси бегалците да се вратат назад, во крајна линија нема да имаат доволно време да се асимилираат и интегрираат сите, но ако потрае војната тие ќе останат во Европа, а ќе дојдат и многу други.-рече Ковачиќ.

Голем дел од мигрантите се жени и деца кои бегаат од војна, а дали меѓу нив има уфрлени елементи треба да утврдат многу брзо соодветните служби, укажува Ковачиќ. Војната на блискиот исток ја започнаа супер силите, а последиците ги чувствуват европските држави, но тоа е секогаш така вели Ковачиќ, потсетувајќи дека големите најчесто се пресметуваат преку малите држави. Тој има објаснување и зошто луѓето кои бегаат од воените зони не одат во богатите арапски држави.

-Децении на ова подрачје беснеат војни. Но за разлика од порано кога во криза беа поедини држави сега целиот блиски исток е воено жариште и луѓето нема каде да бегаат. Да сите се муслимани но некои се сунити, а некои се шиити. На некои им е добро да одат во Саудиска Арабија, на некои не им е.-вели Ковачиќ.

Ковачиќ, кој деновиве во Охрид беше гостин на Школата за млади лидери што ја организира претседателот Иванов, смета дека на Западен Балкан му е потребна поголема помош од Европа, посочувајќи дека објавата на петгодишниот мораториум за проширување на ЕУ негативно ќе се одрази на интегративните процеси во регионот. Оттаму, смета тој, потребна е поголема регионална соработка која земјите од опкружувањето економски ќе ги зајакне и ќе ги доближи до ЕУ.

Г.М/Т.К.