Експертите од УНЕСКО кои во декември беа во посета на Охрид бурно реагирале поради големиот број колективни стамбени згради изградени во текот на последните неколку години,пред се за градбите на крајбрежјето, информира директорката на Завод и музеј- Охрид, Тања Паскали- Бунташеска.
Од друга страна, тие изразиле задоволство од начинот на кој Завод и музеј ја врши конзервацијата на објектите на кои работат.
– Беа воодушевени од документацијата која ја имаме за објектите од старото градско јадро, рече Бунташеска.
Таа потенцира дека извештајот од УНЕСКО за состојбата на заштитените вредности во Охрид сеуште не е испратен, ниту пак е позната неговата содржина, но Бунташеска не верува дека тој ќе биде негативен.
– Не верувам дека ќе биде негативен извештајот, бидејќи тоа не го заклучив од разговорите кои ги водевме со експертите од УНЕСКО, рече Бунташеска.
Во врска со објектите на Плаошник таа потенцира дека експертите од УНЕСКО уште пред посетата биле запознаени со проектот. Од страна на Управата за заштита на културното наследство им бил доставен извештај на 90 страни за возобнувањето на Светиклиментовиот универзитет.
Т.Кувенџиска