Силните подземни удари што последните седмици ја погодуваат Јапонија може да се една од причините за земјотресите во Грција, изјави шефот на Атинскиот институт за геодинамика, професорот Константинос Макропулос.

„Таквите огромни земјотреси како што беше во Јапонија, ја забрзува појавата на аномалии, кои и онака веќе може да се појават. Тоа е како чаша полна до работ, готова да се прелее“, вели еден од најпознатите грчки и европски сеизмолози, цитиран од страна на Атинската новинска агенција.

Во катастрофалниот земјотрес од 9,0 степени по Рихтер што го зафати североисточниот дел на Јапонија на 11-ти март, предизвикувајќи цунами со височина и до десет метри, според најновите податоци, загинаа 11.700 луѓе, а повеќе од 16 илјади се водат како исчезнати. Во следните неколку седмици по катастрофата во Јапонија речиси секојдневно се регистрирани по неколку земјотреси чијашто магнитуда е повеќе од 6 степени по Рихтер.

Вчера,  според различни процени во Егејското Море беше регистриран земјотрес со магнитуда меѓу  5,9 и 6,3 степени. Жртви и материјални штети немаше, но подземните удари беа силно почувствувани во регионот на источното Средоземје, вклучувајќи ги Турција и Египет.

Според шефот на грчкиот институт, земјотрес од овој обем во Грција е регистриран првпат во последните три години.

„Големата длабочина на која е регистриран хипоцентарот на денешниот земјотрес е причината што тој бил почувствуван во повеќе држави“, заклучи професорот Макропулос.

Како што објави вчера Геолошката служба на САД (USGS), земјотресот имал магнитуда од 5,.9 степени по Рихтер, а неговиот епицентар бил 122 километри северо-источно од градот Ираклион на Крит и 350 километри југо-источно од Атина. Земјотресот бил почувствуван и во египетската престолнина Каиро, додека во Турција се почувствувал во Бодрум, Фетија и Мармарис.

OhridNews
извор: „Макфакс“