Експертите сметаат дека е неопходно усогласување на законите за рибарство на двете земји во однос на искористување на рибниот фонд од Охридското Езеро и предложија да се формира билатерално тело кое ќе работи на имплементација на Законите за рибарство на двете страни. Според нив приоритет треба да биде и развивање на јавната свест кај локалното население и туристите да нема двоен морал за потребата од заштита на охридската пастрмка и белвица и другите видови риби. За таа цел треба да се иницира јавна кампања во сите угостителски објекти на ниво на Македонија, со која ќе се образложи на гостите зошто ја нема охридската пастрмка на менито и која е потребата од нејзина ревитализација, да се изврши контрола од страна на Државниот инспекторат за земјоделство и воведе посебна евиденција за рибниците кои произведуваат охридска пастрмка -посочија учесниците на трибината. Тие предлагаат да се воведе забрана на лебдечки мрежи во Македонија, да се затворат сите продавници кои вршат промет на мало со риболовен алат за стопански риболов (мрежи и др.) согласно Законот за рибарство и аквакултура, да се изврши инспекциски надзор на угостителски објекти, пазарите и други продажни места каде се врши продажба на риба во Охрид и Струга, како и да се покрене иницијатива за измена на Законот за рибарство и аквакултура во делот од казнените одредби кои се поклопуваат со казнените одредби предвидени со Кривичниот законик.
Исто така од страна на експертите беше укажано дека Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство под итно треба да организира рибочуварска служба на Охридското Езеро затоа што се ближи мрестот на пастрмката и белвицата, да се доопремат инспекторската и рибочуварската служба во Струга кои немаат пловен објект, да се иницира обележување на државната граница на Охридското Езеро помеѓу Р.Македонија и Р.Албанија и да се најде решение за заштита од соработниците на рибокрадците кои деноноќно ја набљудуваат работата на Езерската полиција. Експертите бараат да се поднесуваат прекршочни пријави и за лица кои се движат покрај риболовна вода со секаков вид на риболовни средства без дозвола за стопански или рекреативен риболов , како и поефикасно решавање на судските предмети за сторени кривични или прекршочни дела во врска со недозволен риболов.
Заклучоците од тркалезната маса, што деновиве се одржа во Охрид, се испратени до сите релевантни институции, а учесниците сметат дека вакви средби треба да има два до три пати во годината.