Малезискиот „Boeing 777“ кој со 298 патници и членови на екипажот на 17-ти јули над источна Украина во близина на границата со Русија на територија што ја контролираат проруските бунтовници, бил соборен од ракета или од топ на ловец „Сухој Су-25“, пишува во средата малезискиот магазин The New Straits Times, повикувајќи се на експерти.
Експертите, консултирани од магазинот, сметаат дека борбениот авион истрелал ракета „воздух – воздух“ врз патничкиот авионк, а потоа го „довршил“ со истрел од неговиот 30-милиметарски топ. Според нив, со тоа можат да се објасни природата на оштетувањата на авионот и разлетувањето на остатоците од него. Имено, тие посочуваат на постоењето на заоблени влезни-излезни дупки на пронајдените фрагменти од малезискиот авион, коишто се типични за истрели од топ, исто како и при експлозија на ракета чиишто шрапнели можат да предизвикаат такви дупки.
„На неколку остатоци (според фотографии од местото на трагедијата) дупките од експлозијата се совпаѓаат со оние коишто ги предизвикува оружје со детонатор на дистанца, а на други се многу поточни и групирани, како оган од топ. Ние го анализираме тоа“, изјавил соговорник на магазинот.
Според оваа нова верзија, била употребена топлински самонаведувана ракета којашто носи трикилограмска боева глава, којашто го погодила најчувствителното место на авионот – моторите. Оваа верзија ја исклучува претходната според којашто авионот бил соборен со ракетниот систем „Бук“, бидејќи според експертите доколку авионот би бил погоден со ваков проектил од него не би останало речиси ништо, и не би имало потреба од „дополнителен“ напад од топ.
Како што истакнува магазинот, „Су-25“ може да достигна максимална височина од 25 илјади фути (7.600 метри), а малезискиот авион летал на височина на 10.600 метри. Сепак, според соговорник The New Straits Times, „’Су-25’ би требало да дејствува на границите од своите перформанси, но тоа е возможно’. Четири дена по несреќата на летот МН17 од Амстердам до Куала Лумпур, началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот на руската армија, генерал-потполковникот Андреј Картаполов на прес-конференција во Москва соопшти дека украински ловец од типот „Сухој Су-25“ бил 3 до 5 километри оддалечени од малезискиот „Boeing 777“ непосредно пред неговиот пад, кој притоа ги повика САД да објават сателитски снимки од тој временски интервал, а украинскиот претседател Петро Порошенко одговори дека во времето на несреќата сите украински авиони биле приземјени.
„Видовме дека украинскиот авион ’Су-25’ се крева кон малезискиот ’Боеинг’ кој од него беше оддалечен 3 до 5 километри. Су-25 може да лета на височина до 10.000 метри. Носи ракети со дострел од 12 километри и сигурно гаѓа цел на растојание до 5 километри“, изјави генералот Андреј Картаполов на прес-конференцијата во Москва. „Се прашуваме: зошто ловецот летал на таа височина кога и цивилен авион?“, додаде Картаполов.
Авионот од типот „Сухој Су-25“ кој во класификацијата на НАТО се именува како Фрогфоот примарно е јуришен авион за напади на цели на земјата. Но постои варијанта и можност овој тип авион да биде опремен со ракета Р-60 воздух-воздух.
Генерал Картаполов тогаш наведе и други податоци за уривањето во четвртокот на 17-ти јули на малезискиот „Боеинг 777“ во источна Украина, во областа на Донецк на 50-ина километри од руската граница, територија којашто е под контрола на проруските бунтовници. Украина ги обвинува бунтовниците и Русија дека се одговорни за соборување на малезискиот патнички авион, додека Москва објави дека постојат сомневања дека авионот е урнат од украинските сили.
„По Донецк малезискиот авион ја променил насоката и се оддалечил од својот коридор 14 километри налево. Потоа се обидел да се врати во коридорот, но не го извел докрај маневарот. Во 17.20 часот забележан е значителен пад на брзината, а во 17.23 часот исчезнал од радарските екрани на руската контрола на летањето. Прашање е зошто излегол од својот коридор, односно дали станува збор за навигациска грешка или наредба на украинскиот контролор на летот“, додаде генералот Картаполов.
OhridNews
извор Макфакс