Законот за јавно обвинителство, во кој треба да биде вметнато и Специјалното јавно обвинителство иако 10 месеци го подготвуваа експерти, се сведе на политичлки договор меѓу пратениците, што е сосема погрешно, вели академик Владо Камбовски. Тој го критикуваше Собранието за односот кон донесување на овој закон, кој се смета за еден од клучните за отпочнување на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Законот за јавно обвинителство не е прашање на политички договор, туку приклонување на Собранието кон една нужност наложена со темелните начела на современата држава и право. Не може да постои држава и ефективен правен систем со постојано изигрување на законите, постојани аболиции, амнестирање на криминалот и корупцијата. На тој начин општеството не оди напред, истакна академик Влади Камбовски, по отворањето на 5-та Охридска школа на природно право на тема „Предизвиците во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем во република Северна Македонија“.
Законот го подготвуваше експертска група која работеше континуирано 10 месеци и одеднаш експертската мисла е исклучена од сето тоа и останува на некои нетранспарентни преговири меѓу пратениците. Тие немаат право на тоа. Мора да го слушаат гласот на науката за тоа какви решенија треба да бидат донесени. Погрешна е тезата дека Собранието може да прави што сака. Компетенциите на Собранието се огрнаичени. Нема апсолутна слобода да донесува какви било закони. Мора да донесува закони кои ги изразуваат темелните начела на современото право, на човековите слободи и права на независноста на судството. Веќе изградени критериуми, кои станаа општа сопственост на целиот развиен свет, рече Камбовски.
Според него, политичарите треба радикално да го променат своето однесување и да сфатат дека не може се да биде предмет на политички договор.
Нема апсолутна слобода во политичкото договарање. Погрешна е тезата дека закон ќе стане се она што ќе се договориме. Не се што ќе се договориме, туку се за кое ќе се договориме, а зад тоа стои општиот или легитимниот интерес на сите граѓани и коресподира со нивните барања, човекови права, слободи, еднаквост, толеранција. – додаде Камбовски.
Тој очекува до септември власта и опозицијата да ги усогласат своите ставови околу законот за Јавното обвинителство, посочувајќи дека е изгубено драгоцено време.
И претседатеот на МАНУ, академик Таки Фити, смета дека проблемот со Специјалното јавно обвинителство треба да се реши час поскоро, со договор помеѓу двете најголеми политички партии од власта и опозицијата. Според него очигледно е дека има многу тензии меѓу СДСМ и ВМРО –ДПМНЕ, но исто така има и најави од опозицијата дека ќе подготви свој предлог закон и тој до средината на месецот ќе биде доставен до Владата за да можат да најдат оптимално решение.
Ова се значајни закони и треба да се земе предвид она што бараат и опозицијата и власта, но тоа треба да биде добар закон. Тоа е основен предуслов за добивање датум за преговори. – посочи Фити.
Академик Фити укажува дека партизирани институции немаат кредибилитет и не можат да испорачуваат демократија, а ако неможат да испорачуваат демократија, тогаш владеењето на правото се става на втор план. Посочи дека владеењето на правото е од склучителна важност и за економијата, бидејќи на бизнисот му треба правна заштита, како во поглед на наплата на побарувањата и доверителските односи, така и за заштита на инвестициите и компаниите воопшто.
На отворањето на школата присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој говореше за активностите на ресорното Министерство во однос на подобрување на образовниот систем во државата. Тој се задржа на изработката на новите закони во образованието кои, како што рече, ќе се базираат врз основа на кредибилни податоци и извештаи од кредибилни институции.
Доста е веќе со креирање политики врз основа на перцепција. Доста е веќе експериментирање со нашите деца. – рече Адеми.
На Охридската школа на природно право, која оваа година се одржува по петти пат во куќата на Уранија, учествуваат 20 студенти на мастер на правни и политички науки и пет студенти на докторски студии, како и врвни предавачи од земјава и странство.
Единствено преку инвестирање во интердисциплинарно изучување во сферата на општествените науки е можно да се подобрат состојбите во правната, политичкиот, економскиот и воопшто општествениот систем во државата. – беше истакнато на отворањето на Охридската школа на природно право.
Школата е во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (ЦСИ, МАНУ) и има за цел надградба на постдипломците и докторантите од областа на општествените науки, особено правните, политичките и економските. И оваа, петта сесија на Охридската школа на природното право, е поддржана од Амбасадата на САД во Скопје.
OhridNews