Експерти од надлежните институции задолжени за испитување на квалитетот на водата од македонска страна и соодветните институции од албанска страна започнаа со земање  примероци на вода од крајбрежјето со цел да се  откријат причините за фекалното загадување на изворите во сливот на Охридското Езро, што ова лето предизвика повеќе случаи на труење.

Денеска експертите земаат мостри во албанскиот дел од Охридското Езеро во близина на пречистителната станица од тамошниот колектор, како и од повеќе други критични точки.

– Земени се примероци од вода и очекуваме  резултатите од анализите да бидат познати за една недела, изјави за “Ohridnews“, Дејан Пановски  член на Билатерниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Ова тело ја поттикна иницијативата за заедничка експертска анализа на водата во сливот на Охридското Езеро со цел да се откријат еветнтуалните загадувачи и да се расчистат сите дилеми присутни во јавноста, по неколкуте случаи на труење со вода од изворите во Св. Наум.

– Експерти од Хидробиолошкиот институт и Заводот за здравствена заштита од македонска страна и соодветните институции од албанска страна заедно ќе земаат проби, заедно ќе ги вршат анализите, заедно ќе ги толкуваат резултатите и заеднички ќе излезат пред  јавноста со информација за направените анализи. На таков начин ќе имаме релевантна информација што се случува во сливот на Охридското Езеро и ќе може да преземеме конкретни инспекциски и други потребни мерки, објаснува Пановски.

Г.Момироски