Охридското Езеро е под притисок, а особена опасност претставува загадувањето, предупредуваат експертите. Сметаат дека е неопходна институционална реакција и акција за подигнување на нивото на заштита.

Даниел Богнер, меѓународен експерт од Австрија кој работеше на Студијата за валоризација на природните вредности на Охридското Езеро, изрази загриженост за излевањето на фекалии во езерото. Посочи дека има одреден напредок во заштитата но има и големо загадување, додавајќи дека не го чуди што Унеско реагира и сака да го стави регионот на листа загрозени подрачја.

Излевање на фекалии, нарушен биодиверзитет, многу пловила и туристи. Сето тоа го загрозува живиот свет во него и затоа мора да има итна акција за да се заштити езерото. Две работи мора веднаш да се презамат, едната е да се подобри колекторскиот систем и да се направи прописна марина којашто нема да го загрозува бидиверзитетот на Езерото. – вели Богнер.

Тој гледа напредок во последниот период како кај општините, така и кај владата, посочувајќи дека приоритет на кој треба да се работи е регулирањето на употребата на пловилата со мотори на внатрешно согорување, односно нивна замена со еколошки мотори кои не загадуваат.
Загриженост изразуваат и експертите од Хидробиолошкиот завод Охрид. Истакнуваат дека загадувањето ги загрозува ендемските видови флора и фауна и мора да се преземат мерки во насока на намалување на притисокот врз Охридското Езеро и развој на одржлив туризам.

Одржливиот развој, односно разумното искористување на ресурсите коишто ни ги нуди езерскиот еко систем мора да биде еден од приоритетите на секое управувачко тело со водните еко системи, особено со оние еко системи коишто се под било каква заштита. Оттаму за поздравување е иницијативата за користење на едрилиците во туристички цели на Охридското Езеро, дотолку повеќе што во изминатите 40 години е зголемена употребата на чамци со моторен погон и таа тенденција расте од година во година. Употребата на такви пловила е профитабилна, меѓутоа од друга страна се соочуваме со проблем на рационално користење на ресурсите бидејќи факт е дека тие пловила на моторен погон негативно влијаат врз животната средина и доколку ние сакаме да го заштитиме како природното, така и културното наследство, мораме да размислуваме многу повизионерски и да гледаме во друга насока. – истакна Тасеска.

Тасеска посочи три вида негативни влијанија на пловилата со мотори на внатрешно согорување, физички, хемиски и еколошки. Сите тие влијаат негативно врз живиот свет во Езерото, бучавата ги менува навиките на популациите, горивата, моторните масла и хемиските средства коишто се користат за заштита на пловилата ја загадуваат животната средина, а сите тие заедно предизвикуваат еколошки промени и имаат далекусежни последици, додаде Тасеска.

И растителните и животинските видови ги доведуваме во ситуација да ги сменат своите животни навики, да им се смени нивниот животен циклус, и, како краен ефект, доаѓа до намалување на нивните популации и исчезнување на некои од нив. – предупреди Тасеска.

Во пресрет на денот Езерото –  21 Јуни, во организација на Едриличарската федерација, во Општина Охрид се одржа експертска дебата на која се говореше за предизвиците и начините на заштита на Охридското Езеро.

OhridNews

Панел дискусија за промоција на едрењето и заштита на езерото: Охрид во иднина треба да се стреми кон наутички туризам