Ракометната репрезентација на Македонија и во вториот контролен натпревар со Чиле забележа победа. Овој пат, „црвено жолтите“ славеа со 28-24, полувреме (16-12). Во првиот меч, македонските ракометари триумфираа со 25-21.

Со двете победи во тест средбите со Чиле, може да се констатира дека експериментот на селектор Данило Брестовац да повика нови ракометари и прилика да им даде на оние со помала минутажа е успешен. Македонија двата мечеви ги одигра без капитенот Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и уште неколку ракометари кои се темел на репрезентацијата.

Што се однесува до натпреварот, силите беа израмнети до 15-та минута кога на семафорот стоеше 7-7. Нашите ракометари со серија од 4-1, се одлепија на 11-8, предноста која до крајот на првиот дел ја преточија во 16-12.

Во второто полувреме, Чиле со игра на „7 на 6“ намали на 19-18 и се врати во игра. Сепак, Македонија најде лек за аудот на Чиле и со мини-серија повторно се одлепи на четири голови. До истекот на 60-та минута остана таа разлика и Македонија славеше победа од 28-24.

Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Кузмановски со четири голови, а по три постигнаа Филип Талевски, Жарко Пешевски и Мартин Поповски. Добар натпревар во дресот на Македонија имаше охридскиот голман Никола Даниловски, кој ја подели минутажата со Никола Митревски и Мартин Томовски.

OhridNews
Фото: Gol.mk