Министерството за образование и наука изготви Правилник за начинот на изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности од основните училишта.

Секое училиште ќе треба да изготви посебна Програма. Училишниот одбор од секое училиште треба да формира посебен стручен тим составен од директорот на училиштето, раководителот на екскурзијата, одделенските раководители или други наставници кои реализираат настава во училиштето во траење од најмалку една година. Мислење за секоја програма за екскурзиии даваат советот на родителите во училиштето, Бирото за развој на образованието и Советот на општината, најмалку 60 дена пред изведувањето.


Екскурзиите ќе се изведуваат во друг географски регион од местото на живеење на учениците и тоа на веќе утврдени локалитети. Исто така училиштето двапати во годината треба да организира излети во поблиската околина во траење од еден ден.

Според Правилникот, училиштето ќе го врши изборот на правниот субјект кој ќе ја организира екскурзијата  преку постапка за прибирање понуди за организирање екскурзии и други слободни активности со објавување јавен оглас во најмалку две гласила. Критериум за доделување на Договор за изведување на екскурзијата е најниската цена. 

Според Правилникот, директорот на училиштето нема да го одобри патувањето доколку не се исполнети наведените технички критериуми за исправност.

OhridNews