На тригодишна возраст започнала да свири клавир, по што побарала од нејзините родители да и купат виолина. Денеска таа е една од најдобрите светски виолинистки – Сара Ченг. На 20 август во катедралната црква Св. Софија охриѓани ќе имаат исклучителна можност да го проследат настапот на светски познатата виолинистка од САД со корејско потекло, Сара Ченг. На еден ден пред настапот во Охрид таа даде ексклузивно интервју за Ohridnews.

Сара Ченг која се смета за една од најталентираните изведувачи на класична музика на денешницата е родена е во музичко семејство. Нејзиниот татко е виолонист, а мајка и е композитор, па не е чудо што започнала да свири кога имала само три години. Кога имала  осум години ја открил светски познатиот диригент, Зубин Мехта.

„Зубин Мехта е мој музички кум со кого ја започнав кариерата и тој ми е најомилен диригент, но се разбира има и други светски имиња со кои соработувам како Мазур и Дитуа“, вели Ченг. До светскиот успех Ченг минува часови и часови во работа со врвни музички професионалци, кои како што ни рече се најзаслужни што таа изградила голема кариера.


Сара Ченг

Сара Ченг настапува во  најпрестижните светски музички центри, а на концертите ја придружуваат најреномираните оркестри како Њујоршката, Виенската, Лондонската филхармонија и други. Иако е голема ѕвезда на класичната музика, Ченг не сака да зборува за своите успеси. „Преферирам за тоа да зборува публиката која доаѓа на моите концерти и ги купува албумите кои сум ги издала. Но морам да кажам дека сум  задоволна од мојата кариера што ме прави среќна“, вели ексклузивецот на Еми Класикс, која зад себе има близу дваесет издадени албуми. Иако звучи помалку неверојатно, таа никогаш нема настапено на музички натпревар. “Не сум љубител на натпревари и мислам дека тие не влијаат многу на нечија кариера. Јас лично не сум учествувала на ниту еден натпревар и направив кариера без нив. Можеби сум една од малкуте среќнички но тоа е мое мислење“, вели Ченг.


Сара Ченг на затворањето на Охридско лето ќе настапи во придружба на Камерниот оркестар на словенечката филхармонија. „На Охридско лето ќе настапам со едно од најпрепознатливите дела на Вивалди, „Четирите годишни времиња“ и со дела на Сарасати кои се динамични и многу интересни за изведба. Мислам дека тоа ќе биде еден интересен спој, особено во амбиент каков што го има оваа црква поради што едвај чекам да настапам“, рече Ченг.


Сара Ченг зад затворени врати ја одржа првата проба во катедралната црква Св. Софија. Таа е воодушевена од нејзината акустичност. „Пробав сама, а тоа сега ќе го направам и со оркестарот, но акустиката е многу добра“, ни изјави Ченг.


Сара Ченг на Охридско лето настапува прв пат. Настапот во Охрид е во рамки на нејзината европска турнеја која продолжува во Амстердам – Холандија.

Горан Момироски