Кирил Трендафилов – Нанче, ќе биде кандидат за градоначалник на Охрид на најголемата владејачка партија, ВМРО ДПМНЕ, на претстојните локални избори. Како што дознава Ohridnews, одлуката била донесена на седницата на Извршниот комитет на партијата синоќа во Скопје, со што заврши неколку месесечната внатрепартиска процедура за избор на кандидат за градоначалник. Истата била прифатена од највисоките партиски органи.

Со кандидатурата на Нанче познати се градоначалничките адути на големите политички партии во Охрид: СДСМ ќе настапи со актуелниот градоначалник Александар Петрески, НСДП со Ацо Попоски, ЛДП со Боро Павлоски, а ВМРО ДПМНЕ со Кирил Трендафилов. Во најава е и најмалку една независна кандидатура, а се споменува името на Владо Рувинов – Љац.

Кирил Трендафилов беше кандидат за градоначалник на Охрид и пред 4 години кога загуби во дополнителниот круг гласање од актуелниот градоначалник, Александар Петрески. Нанче ја оспори победата на Петрески, а во знак на незадоволство неговите симпатизери одржаа повеќе мирни протести низ улиците на Охрид. Нанче во 2005 година беше кандидат на ВМРО НП, а сега ја добива довербата од ВМРО ДПМНЕ.

Локалните избори ќе се одржат на 22 март, а кампањата започнува на 2 март.

Ohridnews