Планината Галичица под себе крие  езеро со површина нешто помала од Преспанското. Претпоставките на научниците  се дека водниот басен под Галичица се протега вдолж целата планина. За овој природен феномен изработена е студија од страна на Институтот за води на НАТО алијансата, кој на барање на локалната самоупрва од Ресен  го истражува  алармантното спуштање на нивото во Преспанското Езеро.

“Според овие најнови сознанија водата од Преспанското се прелева во езеро кое што е под самата планина. Точно е утврдено дека езерото располага со  5,2  милјарди кубни метри вода. Студијата што ја подготвува Институтот  за води на НАТО во Лондон треба да биде готова во ноември  и очекуваме да излезат  со конкретни предлог мерки, што може да се направи со тој воден басен под Галичица. Истражувањата утврдиле дека одливот  на вода од ова езеро кон Охридското трае 7-8 години. ”, вели Насип Беќири, вработен во ресенската локлана самоурава.


Преспанското Езеро понира во големо Езеро кое се наоѓа под Галичица

Во проектот за заштита на водите на  Преспанското езеро што го реализира Институтот за води на НАТО вклучени се и македонски експерти, кои треба да ги утврдат причините поради кои доаѓа до осцилации на нивото на водата, и да предложат конкретни мерки за спас на езерото.  

Во меѓувреме, нивото на Преспанското и Охридското Езеро и натаму опаѓа. Подраматична е состојбата на Преспанското Езеро кое губи и по 80 сантиметри месечно. Иако осцилациите на Охридското Езеро се помали, состојбата и на новој воден басен е загрижувачка. По благото стабилизирање од 8-ми февруари наваму нивото на Охридскотоп Езеро опаднало за дополнителни 4 сантиметри и сега е на минималната кота која се наоѓа на 693,17 метри надморска височина.


Опаѓа и нивото на Охридското Езеро

Последен пат до критичното ниво Охридското Езеро се доближило во 2002 година, а во 1990 година нивото се спуштило под минимумот. Најсушна била 1964 година, кога Охридското Езеро било иста така под дозволениот минимум. Причина за ваквата состојба според експертите претставува сушата и испуштањето на водата во реката Црн Дрим за потребите на електро системите во Македонија и Албанија.

Тие осцилации било да се тоа природни или вештачки вршат дополнителна абразија на крајбрежејето и предизвикуваат изумирање на голем број животински и растителни видови пред се во литоралниот дел на Охридското Езеро, вели во една своја анализа која неодамна ја пренесе Ohridnews,професор д-р Здравко Крстановски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Тој тогаш предупреди  дека  намалувањето на нивото на Охридското Езеро има реперкусии и  врз геомеханичкиот состав на почвата не само во крајбрежјето туку и во самиот град. „Доколку падне водата под минималното ниво се создаваат празнини кои се услов за појава  на тонење на почвата и на граджните објекти, а ќе предизвика  и  деградација на културното наследство односно на фреските во црквите лоцирани околу Охридското Езеро“, предупреди Крстановски.

Експертите од Хидробиолошкиот институт посочуваат дека многу позагрижувачко  е драстичното опаѓање на Преспанското Езеро. Преспанското и Охридското Езеро се сврзани садови. Поради повисоката надморска височина на која се наоѓа, се сметаше дека водата од Преспанското Езеро понира во Охридското Езеро. Но, откритието на експертите од НАТО дека всушност Преспанското Езеро понира во трето Езеро кое се наоѓа под планината Галичица отвора нови дилеми кои треба да се разјаснат со дополнителните научни испитувања кои се во тек.

Емилија Мисирлиевска
(Тв Телма)
Горан Момироски