Посетителите на Ватиканските музеи од целиот свет, од 22 мај до 07 јуни 2014 г., ќе имаат можност да ја разгледаат ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“.

Изложбата е дел од манифестацијата Македонија во чест на Свети Кирил во Ватикан и одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Светата Столица. Истата е во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, која за оваа намена подготви и каталог. Тој изобилува со фотографии од ракописите во боја, а текстот е изработен на македонски, италијански и англиски јазик што овозможува сите заинтересирани посетители подетално да се запознаат со илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија. Ракописите се сместени во специјално изработени витрини за оваа намена и се поставени во минуциозно осмислен простор на Ватиканските музеи.

На свеченото отворање, на 22 мај, се обратија и свој збор за изложбата и односите меѓу Ватикан и Република Македонија изнесоа: Неговата Еминенција, бискупот Фернандо Вергез Алзага, генерален секретар на Ватикан, проф. Антонио Паолучи, директор на Ватиканските музеи, д-р Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија, д-р Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија и д-р Звонимир Јанкулоски, амбасадор на Република Македонија при Светата столица. На свеченоста присуствуваа и амбасадорот на Македонија во Италија, Оливер Шамбевски, Неговото Блаженство г. г. Стефан, архиепископ охридски и македонски, Спиро Ристовски, министер за образование и наука, д-р Валентина Божиновска, директор на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, претставници на дипломатскиот кор во Ватикан, како и многу други високи гости од Македонија, Ватикан и Италија.

Изложбата ја подготви и реализира стручниот тим од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, предводен од д-р Иван К. Заров, директор на Библиотеката и комесар на изложбата, м-р Зорица Јаковлеска Спировска, виш конзерватор, Викторија Костоска, виш библиотекар и координатор за меѓународна соработка, Магдица Шамбевска, раководител на Сектор за комплетирање и стручна обработка на библиотечен материјал и Љупчо Јованов, информатичар.

Изборот и описот на ракописите го направи д-р Михајло Георгиевски, специјалист за средновековна христијанска литература. Во обликувањето на каталогот драгоцени беа советите на научните консултанти акад. Ѓорѓи Поп Атанасов, проф. д-р Франческа Дел’ Аква од Универзитетот во Салерно, Италија и проф. д-р Анета Георгиевска- Шајн, од Универзитетот во Мериленд, САД а ликовно-графичкото обликување на каталогот е дело на м-р Марија Ветероска-Трпкоски. 

Организацијата на изложбата беше поддржана финансиски од Министерството за култура на Република Македонија. 

Од вкупно триесет ракописи, дваесет и еден се од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а останатите девет ракописи се од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Државниот архив на Македонија, Историскиот архив – Охрид, Македонската архиепископија (Богословски факултет) – Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). 

OhridNews