Како што објави неделникот Фокус по четири месеци поминати во притвор екс- градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, поднел кауција од половина милион евра за да излезе на слобода. Неофицијално станува збор за неколку недвижнини кои Петрески ќе ги оставил како хипотека за да му се укине притворот.

Според Фокус Петрески го следи примерот на некои притворени од предметот „Јагула“ кои претходно успеале со гаранција да излезат на слобода. Сепак, на Петрески и на уште некои од неговите подредени соработници од општина Охрид по четврти пат им беше продолжена мерката за нови 30 дена.

Фокус наведува дека обидот на Петрески да излезе од притвор следува откако било очигледно дека истрагата за досието ќе потрае подолго затоа што материјалот е обемен, но и затоа што истиот обвинител во предметот е ангажиран и во истрагата за акцијата „Пуч“. Најверојатно шесте месеци предвидени со закон за истрага, во случајот со Петрески ќе бидат пролонгирани. Таква можност постои во законот, да се продолжат првите шест месеци со нови.

Инаку, Петрески се товари за финансиски малверзации со кои, според истражните органи, стекнал противправна имотна корист преку јавни набавки и градежни активности.

OhridNews
извор Фокус