Земјите од регионот заеднички треба да одговорат на светската економска криза, е заклучот од  Економскиот форум на претседателите од ЈЕИ, што денеска завршува во Охрид.

Ние денес сме потребни едни на други многу повеќе отколку било кога претходно, истакна македонскиот претседател, Бранко Црвенковски. Познато е дека индивидуалното соочување со глобални предизвици и проблеми не е најефикасниот начин за нивно решавање, додаде Црвенковски. Ние имаме потреба од нова визија, нова филозофија и нов концепт на меѓусебните односи – првенствено економските. Наша обврска е заеднички да работиме на предизвиците од економијата, каде приоритет би требало да има конципирањето и градењето на модерна транспортна, телекомуникациска и енергетска прекугранична инфраструктура, рече македонскиот претседател.


Според претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ,  регионот мора да привлече што повеќе странски директни инвестиции. „Како регион мораме што побрзо да се развиваме и да ја зголемиме конкурентноста. Затоа ни е потребна нова стратегија за регионален развој и еден вид на регионално единство“, рече Вујановиќ.

Нема сомнеж дека меѓународната финансиска криза  индиректно ќе влијае на земјите од целиот регион и ќе го намалат нивниот економски раст, истакна членот на претседателството на Бих, Небојша Радмановиќ.

„Глобалната криза треба да ја решаваме заеднички, толку колку што е можно, притоа не запоставувајќи ги сопствените интереси. Во вакви времиња и големите економски сили, пред се штитат своите интереси. Не смееме да дозволиме да во реалноста во која што живееме бидеме колатерална штета на светската финансиска криза. Глобалната финансиска криза  покажа дека економијата во 21 век не може да се управува со инструменти од 20 век. Многу правила на игра на светскиот пазар мораат да се променат, за да се зачува светскиот систем од непромислени потези“, рече Радмановиќ .


Според претседателот на Бугарија, Георги Прванов, регионот на прво место би требало да ги стави  напорите за изградба на една современа инфраструктурна мрежа во регионот – во енергетиката, во транспортот, во комуникациите. Тоа има решавашко значење за осигурување на стабилен раст за зголемување на сигурноста и конкурентноста на земјите од ЈЕИ, реле Прванов.

Според претседателот на Хрватска, Стипе Месиќ, регионот треба да се подготви за нови последици кои ќе бидат поизразени во 2009 година. Според него соработката на земјите од регионот во ЦЕФТА  дава добри резултати и е од исклучителна важност за економскиот развој на регионот.

Следниот Економски форум на престедателите од ЈЕИ ќе се одржи во Босна и Херцеговина.

Г. Момироски