Македонија во наредните неколку години има зацртано да инвестира 3-4 милијарди евра во изградба и подобрување на инфрсатруктурата, најави министерот за економија, Фатмир Бесими, на отворањето на Петтиот по ред Регионален економски форум на претседателите на државите од Југоисточна Европа 2008 (РЕФ СЕЕ), што денеска започна во Охрид.

Во своето обраќање, министерот Бесими ја презентираше економската состојба во државата и мерките што Владата ги презема во насока на минимизирање на евентуалните негативни ефекти од светската финснсиска криза врз домашното стопанство.


Воведни обраќања имаа и  организаторите на форумот, по што започна работниот дел каде се дискутира за влијанието на кредитната криза врз финансиите и економиите на земјите од ЈИЕ. Покрај оваа на форумот ќе се расправа на уште две теми „Инфраструктурата во регионот (градежна, патна и телекомуникациска)“ и „Енергетските пазари на земјите одЈИЕ“. Покрај тоа, како и изминатите години, на средбата ќе биде презентиран и Извештај за конкрурентноста на земјите и регионот на Југоисточна Европа.


На Форумот кој се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски учеството ќе земат  претседателот на Хрватска Стипе Месиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Бугарија Георги Прванов, на Албанија Бамир Топи, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Небојша Радмановиќ, заменик-генералниот директор на Дирекцијата на Европската комисија за проширување Јан Трушински, како и високи претставници на влади, на водечки компании, банки и деловни асоцијации, како и припадници на академски заедници и преставници на 50 медиумски куќи од државите во регионот. Иако беше најавено, претсдателот на Србија Борис Тадиќ, во последен момент го откажа доаѓањето во Охрид.  Тие утре тие ќе земат учество на пленарната сесија посветена на европските интеграции на земјите од регионот.

Г. Момироски
фото: Васко Бујароски