– Во годината која изминува туризмот претрпе големи последици од економската криза, кои најмногу ги почувствува охридско-струшкиот регион, што особено се одрази на бројот на туристи ова лето кое беше многу послабо во однос на минатата година, истакна Панче Трајковски потпретседател на Стопанска комора за туризам, која денеска во Струга го одржува Второто годишно собрание.
Тој посочи дека хотелите, рестораните и туристичките агенции оваа година работат со намален промет, но оптимизам влеваат најавите дека догодина кризата ќе мине и состојбите во туризмот ќе се нормализираат.
Туристичките работници оптимизмот го темелат и на најавите на државата за субвенционирање на туроператорите кои ќе носат странски гости во Македонија, како и за промоција на домашниот туризам. Субвенционирањето во туризмот ќе започне на 1-ви јануари и тоа ќе биде една голема инјекција за македонскиот туризам, сметаат од комората.
Претставници на хотели, ресторани, туристички агенции, факултети, превозници и туристички водичи учествуваат на Второто годишно собрание на Стопанската комора за туризам на кое акцент ќе биде ставен на промоцијата и развојот на туризмот во Македонија.
Делегатите на собранието ќе го разглледаат и годишниот извештај за работата и финансискиот извештај на Стопанската комора за туризам.