Светската економска криза не ја одмина ниту Македонија, а охриѓани според изјавите што ги добивме преку нашата анкета на терен, се песимисти дека наредните три години нема да им биде загрозено егзистенцијалното прашање.

Експертите се со став дека кризата се уште не зела поголеми размери кај нас, но сепак, посочуваат дека нејзините последици се чувствуваат во реалниот сектор. Тие предупредуваат, дека е потребно  под итно да се преземат соодветни мерки за справување со последиците.

На тркалезната маса што на почетокот од месецов ја организира фонадацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“ под модераторство на академик Таки Фити, угледни економски експерти и претставници на Владата и на Народна банка на Македонија објаснија дека за разлика од развиените земји каде што глобалната криза најпрвин се одрази врз финансискиот сектор, во нашата држава кризата прво го зафати реалниот сектор, но нема да биде имун ниту финансискиот сектор, кој засега е оценет како стабилен.

И стопанствениците се загрижени за нивниот бизнис.„ Светската економска криза е најголемата криза што се случува во  текот на последните 60-70 години  и ќе ни требаат и вонредни мерки за да ги ублажиме последиците од неа“, изјави во Охрид познатиот македонски бизнисмен, Минчо Јорданов.

Тој потсети дека државата треба да се надополнува и прилагодува кон интензитетот на последиците  што ги покажува кризата. „Веројатно ќе треба да има динамична соработка со Владата, бизнис-асоцијациите и со другите институции од државата за да реагираме соодветно и на време на сите промени коишто ќе се случуваат“, додаде Јорданов.

И додека се кројат мерките за спас на македонската економија, актуелни се и отпуштањата од работа.

Во Центарот за вработување во Охрид во моментов се евидентирани 11 100 невработени. Од нив, 8 239 се  од општинава, а останатите од општина Дебрца.

Според возраста, најмногу евидентирани невработени се на возраст до 30 години. На списокот невработени кои се на возраст од 30 до 40 години  работа чекаат 2 220 лица,  2.383 невработени се на возраст од 40 до 50 години,  а 3 200 лица се водат како невработени со над 50 години.

Во однос на образованието, најмногу има неквалификувани лица, или вкупно 3 400, а 1085  се полуквалификувани.

„ Во нашата евиденција се водат околу 4.500 невработени без соодветни квалификации, и тоа дополнително го отежнува нивниот ангажман на пазарот на трудот “, вели директорот на Центарот за вработување, Јован Баткоски.

Квалификувани кадри кои се невработени и се пријавуваат во Центарот, ги има околу 2 700. Со средно образование се пријавуваат  2 630 лица, со више се евидентирани 350 невработени, а со високо образование 920 лица. Исто така, соодветно вработување чекаат и 14 магистри, од кои, половината се жени.

Статистиките на Центарот за вработување говорат дека  најголемиот број невработени во општинава, 920 се Македонци, 503 се Албанци, а како невработени се пријавуваат  410 Турци и 500 Египќани.

Соодносот невработени мажи и жени е приближно еднаков, без огед на останатите индикатори.

Како дефицитарни кадри се уште се информатичките технолози односно профилите за автоматска обработка  на податоци, фармацевти, како и кадрите со англиски, германски и француски јазик. Од нискоквалификуваните, најчесто се бараат заварувачи.

Директорот Баткоски вели дека со оглед на сосотојбите што ги предизвика светската економска криза, има најави за отпуштања на вработени од охридски фирми.

Ohridnews