Охрид заедно со Скопје сеуште важат за најатрактивни општини во државата каде метар квадратен станбен простор е најскап. Иако странците, но и домашните купувачи најмногу интерес покажуваат за Охрид, продажбата на станови и натаму бележи блага стагнација. Од агенциите за недвижности велат дека глобалната економска кризае засега нема поголемо влијание на цената на недвижностите, но нивната продажба во Охрид е осетно намалена.

Во првите месеци од годинава намален е бројот на купувачи на станови, а уште
помал е бројот на оние кои се заинтересирани за скапи недвижности, изјави неодамна за „Ohridnews“сопственик на една реномирана охридска агенција за недвижности.

Цената на метар квадратен станбен простор во Охрид се движи од 500 до 1 500 евра во зависност од местоположбата и градбата. На висока цена сеуште се имотите во атрактивните зони во близина на крајбрежјето, но и покрај силните најави за странски инвестиции и изградба на хотелски и други комерцијални комплекси од тоа засега нема ништо. Зголемен интерес има за купување имоти во Велестово и Рамне кои се особено атрактивни поради местоположбата и мирот кој го нудат, но повеќе има заинтересирани отколку вистински купувачи, велат продавачите на недвижности. Тие очекуваат пазарот на недвижности да се стабилизира со надминување на глобалната криза, која според нив е неизвесно дали и како ќе влијае на високите цени на недвижностите во Охрид.

Ohridnews