Комуналниот отпад и и градежниот шут кој со години се одлагал во дивата депонија во областа „Мауцкер“ претставува пречка за изградба на најавената економска зона, велат од локалната самоуправа. Оттаму очекуваат државата да помогне во расчистувањето на дивата депонија, за да се реализира најавениот проект во „Мауцкер“

-Малку поголем проблем претставува Мауцкер којшто прво треба да се исчисти, се надевам дека и министерството ќе помогне во таа насока. А второ кога ќе се исчисти да се прилагоди за да го направиме овој простор слободна економска зона во која ќе инвестираат домашни инвеститори.– изјави Ангел Јанев – заменик градоначалник на Охрид, на меѓународна конференција за управување со цврст отпад која деновиве се одржа во Охрид. 

Проблем со отпадот има и Струга. Градот во екот на туристичката сезона се гуши во непријатен мирис од дивата депонија во близина. Од друга страна, изградбата на регионална депонија во Југозападниот плански регион, во кој спаѓаат Охрид и Струга и која треба да го реши проблемот со дивите депонии во двата града, ни од далеку не е повидок. Ако се има предвид дека и депонијата во Буково, која исто така работи незаконски, не ги исполнува потребните стандарди, останува отворено прашањето дали и кога ќе може целосно да се расчистат дивите депонии во Охрид и Струга и каде ќе се одлага сметот, вклучително и „Мауцкер“ каде во почетокот од годината започнаа одредени активности за расчистување на теренот каде е предвидено да се гради економска зона.

Ништо подобро работите не стојат ниту во останатите плански региони, иако законот за управување со отпад е донесен уште во 2004 година. Министерот за животна средина Изаири вели дека проблемот е и технички и финансиски, а ќе се решава со средства од претпристапните фондови, со кои оваа година ќе отпочне изработката на планови за изградба на 4 регионални депонии. 

-Тие планови ќе ни кажат како понатаму. Освен студијата за издржливост содржат и финансиска конструкција и временска рамка за да може конечно да го решиме овој проблем. –изјави министерот Нурхан Изаири.

Во земјава не е воспоставен ниту систем на селекција на отпад. Таму каде што е воспоставен го уништуваат граѓани кои од егзистенцијални причини го пребаруваат отпадот и повторно доаѓа до негово мешање.

-Се претпоставува дека има околу 5000 такви граѓани и ние предлагаме до надлежните институции решение и за овој проблем, се со цел да дојдеме до оние стандарди кои ги има поставено ЕУ за да достигнеме максимално ниво на селекција на отпадот и да го искористиме. – истакна Ракип Дочи – ЈП Комунална хигиена-Скопје.

И додека Македонија мака мачи со дивите депонии кои секојдневно се зголемуваат, во равиениот свет отпадот одамна е бизнис. Над 90 проценти од отпадот се преработува и се користи како секундарна сорувина или извор на енергија со што се заштедуваат ресурси, а само мал дел се одлага во депонии.

Во Македонија освен Дрисла, ниту една друга депонија не ги исполнува еколошките стандарди.

Г.М.