Доколку недела биде неработен ден, македонската економија ќе претрпи милионски загуби. Ова беше истакнато на панел-дискусијата „Недела неработен ден – какви ефекти ќе има врз македонската економија“, што денеска ја организираше денеска Стопанската комора на Северна Македонија.
Предложеното решение за ограничувањето на можноста за работа во недела или наметнувањето дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е дел од редовниот работен процес, покренува повеќе прашања за ефектите од ова решение – како ќе се одрази на продуктивноста и конкурентноста на компаниите, дали производствените процеси се од таков карактер што може да се запрат без последици и по кои параметри тоа ќе се проценува, но и дали предложените решенија може да предизвикаат странските инвеститори да ја преиспитуваат РС Македонија како дестинација, туристите да ја избегнуваат државата како туристичка дестинација, а домашните потрошувачи да се насочат кон соседните пазари. – истакнаа од Комората на панелот, на кој учествуваа стопанственици од различни индустриски сектори, од областа на трговијата и услугите.
Млечната индустрија предупреди дека загубите на годишно ниво само во оваа гранка ќе достигнат помеу 14 и 18 милиони евра доколку недела биде неработен ден. Забелешки има и градежниот сектор, кој укажува на зависноста од временските услови на оваа гранка.
Исто така, бизнис заедницата предупреди дека доколку работната недела биде скратена, тоа неминовно ќе влијае и на намалување на бројот на работници.
Од автомобилската индустрија, пак, укажуваат на проблемот со продуктивноста, што неминовно ќе настане доколку се озакони недела како неработен ден, бидејќи компаниите ќе имаат 14% помалку време за задоволување на потребите на клиентите, посочи Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство. Дополнително, одредени процеси во автомобилската индустрија, како што е производството на катализатори, бараат континуитет, додаде тој.
Тоа е континуиран процес кој трае 24 часа, седум дена во неделата, бидејќи, пред се, не само што процесот е траков, користењето на опремата мора да се планира на таков начин , бидејќи во спротивно нема да биде економски оправдано. – додаде Мизо.
Реагираше Сојузот на синдикати (ССМ). Оттаму забележуваат дека во моментов на работниците не им се исплаќаат огромни средства за нивниот ангажман во неделите.
Прашуваме дали на дебатата станало збор дека за работа во недела само за додатокот кој треба да го платат на работниците, а не го плаќаат, им остануваат 7 милиони евра за само една работна недела и 3 милиони евра за придонеси од задолжително социјално осигурување кои требало да ги платат на државата. – стои во реакцијата на ССМ.
Министерството за труд и социјална политика работи на изготвување на предлози за изменување на Законот за работните односи, со кои се најавува дека, со исклучок на определени дејности кои изречно ќе бидат наведени, ќе биде ограничена можноста работните процеси да се организираат во недела.
OhridNews