Со десетминутен перфоманс пред општинската зграда и протест на возила од населбата Лагадин до Охрид, членови на еко движењето Охрид SOS, здружението „Стар Лагадин“, поддржани од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н, денеска повторно побараа заштита на целото крајбрежје од непланска урбанизација и девастација. Како што потенцираа, целта е да се сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО поради уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем.

  • Дојдовме пред општината да ги предадеме барањата –општината да се заложи за поништување на општиот акт за село Лагадин со стопирање на сите издадени одобренија за градење и сите идни барања на одобренија за градење и да даде поддршка на иницијативата пред Уставен суд за поништување на општиот акт. Општиот акт е дело на претходната власт, а ако актуелната власт не направи ништо по ова прашање, тоа ќе значи дека заеднички се организира криминал. Барањата се однесуваат и на сите градби вдолж крајбрежјето, тоа не значи дека треба да запре планирањето, но неопходен е мораториум во согласност со препораките на УНЕСКО, изјави Мирослав Котески, претседател на здружението Стар Лагадин.

Трајче Талески од Охрид СОС ги повика граѓаните да се придружат на ваквите поротести, бидејќи како што вели, во моментов на охридското крајбрежје се случува катастрофа.

  • На струшката страна се бетонира крајбрежјето, се уништуваат водени живеалишта, се уништува трската, се под изговор на градоначалникот дека се прави за подобруавње на амбиентот на крајбрежјето. Од болницата „Св. Еразмо“ кон Охрид се врши легализација на имоти, цели блокови заградени, не можеш да стигнеш до езерото. Низ градот нема дел каде не се гради, а кон Пештани има бројни нелегални градби кои се легализираат, а се изградени по 2011 година. Револтира незаинтересираноста на граѓаните, ние тука живееме преку целата година, со ова урбано насилие губи целиот рад, потенцира Талески.

Меѓу ретките жители од Охрид на денешниот протест беше и Белинда Андоноска која се приклучи кон барањата за стопирање на уништувањето на крајбрежјето и градот.

  • Живеам во таканаречената населба Карпош 5 каде жителите водат пет годишна „борба“со институциите за одземање на одобрението за градба на осум и деветкатници во слободните вршини со што ќе се наруши нормалното живеење на околу 1000 сегашни жители. Бараме да не се упропастува градот, да не се затвора протекот на воздух и светлина, вели Андоноска.

Учесниците на протестот, кои сличен собир организираа и минатата недела, велат ќе одат до крај во исполнување на нивните барања за што имаат поддршка од познати адвокатски фирми.

OhridNews