Со експертски студии, акциони планови, кампањи и јавни дебати ќе се решаваат еколошките проблеми за кои подолг период се води дебата во јавноста. Заштитата на Студенчишкото блато, решавањето на се поизразениот проблем со бучавоста, управувањето со отпадот, третирањето на отпадните води и користењето на природните реткости во туристички цели, се дел од проектните активности на кои во моментов работи Одделението за заштита на животната средина при Локалната самоуправа.

-Во завршна фаза е изработката на Вториот Локален еколошки акционен план кој  предвидува конкретни мерки и активности во наредните шест години за заштита на животната средина, информираат од Одделението за заштита на животната средина.


Деновиве Министерството за заштита на животната средина го одобри планот и програмата  за управување со отпад, што го донесе Советот на општина Охрид. Се работи и на донесување на уште неколку стратешки документи кои се од особена важност за општината, како што се „Интегрираната студија за состојбата со остатокот од Студенчишкото блато и преземање мерки за негова ревитализација“, и „Акциониот план и програма за управување со бучавата во животната средина во општина Охрид“.


-Во тек на реализација се и проектите за заштита на сулфатарата во Косел и за регистрирање на гнездата на лебедите и нивна заштита, како и проектот за регистрација на појасот на трската. Паралелно се работи и на подигање на еколошката свест на населението преку одржување трибини, проекти за разубавување на централното градско подрачје со цветни жардиниери и изготвување на пропаганден материјал, велат од Одделението за заштита на животната средина.

OhridNews