Македонија се смета за еколошка земја но ние сеуште немаме национален акционен план за органско земјоделство. Експерти од земјава и странство, владини претставници и фармери во Охрид почнаа да работат на изготвување стратегија за развој со цел да се утврдат состојбите, системите на контрола, пазарот и насоките на развој на органското производство.

“Иако бројот на фармерите кои се занимаваат со органско земјоделство кај нас за само три години порасна на 120, тешкотиите со кои се соошуваме сеуште се многубројни“, вели Димче Балески од асоцијацијата на органки производители “Биофарм’ и претседател на здружението “Органик каки“ од Валандово, засега единствениот извозник на органски јапонски јаболка на пазарите во Швајцарија и Германија.

Според Балески главни проблеми во извозот на органските  земјоделски производи кај нас се малите количини на производство, неадекватното пакување  и етикети и недостаок на средства за работа по светски стандарди. Поради големите трошоци во првите години од производството на органско овошје македонските фармери бараат субвенции од државата по примерот на европските земји.

Во Македонија  органското производство се практикува во неколку региони меѓу кои и во Охрид. По добивањето сертификати за органските јапонски јаболка и калинки, сега се работи на сертификација на македонските костени, сливи, мед, компири, цреши и кајсии, додека за одгледување на едногодишните органски раноградинарски култури според стручњаците ни недостасува соодветно стручно знаење.

Експертите сметаат дека е потребна поголема вклученост на државата и анимација на пошироката јавност за да се свати потребата од развој на органското производство на храна, кон што светот се повеќе тежнее.

Подготви:

Нина Кепеска