-Во делот на сообраќајот има одреден напредок во општина Охрид. Со поставувањето на мерачи на брзина, тајмери и лежечки полицајци се намалува брзината на возилата, а со тоа и нивото на бучавост. Но, поголемо внимание треба да се обрати во туристичката зона во централното градско подрачје. Тоа никако не значи дека треба да се преземаат мерки со кои ќе се дестимулираат одредени дејности, туку да се најде баланс помеѓу развојот на Охрид како туристички центар и мирот на граѓаните кои живеат таму, но и на туристите кои престојуваат во градот.-вели Менка Спировска од консултантската куќа „Деконс-Ема“ од Скопје, која го изработи елаборатот за состојбата со бучавата во Охрид.
Менка Спировска
Според неа, Општината треба да направи распоред во кои зони ќе има кафетерии, до колку часот тие ќе бидат отворени, со која јачина на звук ќе биде пуштана музиката, а сето тоа да биде регулирано со одлука.
-Верувам и до сега општината носела одлуки, но имплементацијата на тие одлуки треба да биде во корелација со инспекторатот за животна средина на централно и локално ниво и полицијата. Тие здружени сили треба да се наметнат така што менаџерите на угостителските објекти бидат поставени во позиција да го почитуваат законот и донесените одлуки, а не да ги игнорираат.-посочува Спировска.
Според Танас Танасоски, раководител на Општинскиот инспекторат, за да се реши проблемот со бучавата треба да се скрати работното време на угостителските објекти и да се воведат построги критериуми при издавање на дозволи за работа на ноќните клубови и кабареа.
-Работното време на угостителските објекти треба да се ограничи до 24 часот, а дозвола за ноќен клуб или кабаре да им се дава само на оние објекти што ги исполнуваат техничките услови, односно не произведуваат бучава, смета Танасоски.
Тој посочува дека угостителските објекти во Охрид ќе бидат задолжени да изготват еколошки елаборати со кои ќе бидат обврзани да исполнат бројни критериуми за заштита на животната средина, во спротивно нема да можат да работат. Покрај еколошки елаборат, угостителските објекти ќе мора да обезбедат и мерач на бучавост кој постојано ќе го мери нивото на бучавост. За тоа на угостителите ќе им се даде доволен рок, но според Танасоски многу мал број од нив ќе можат да ги исполнат строгите еколошки услови доколку не инвестираат во своите објекти
Од еснафот на угостители сметаат дека проблемот со бучавата не може да се реши само со санкции и дополнителни оптоварувања на угостителите. Предупредуваат дека поставувањето на скапи мерачи на бучава нема ништо да промени, доколку не се промени однесувањето на гостите.
-Јачината на музиката можете да ја контролирате, но не и однесувањето на луѓето во угостителските објекти и особено надвор од нив, велат од угостителскиот еснаф, кој бара да биде активно вклучен во иницијативите за промена на прописите кои се однесуваат на работата на оваа дејност.