ЕД Грашница од Охрид бара да се измени ДУП за УЕ 17 и да се зачува спортскиот центар како комплекс од посебно значење. Во соопштението на екологистите од Грашница се вели:
„Социјалната или хуманата екологија вели дека еколошката криза е примарно социјален, културолошки, духовен и морален проблем. Со други зборови, на еколошката загаденост и претходи општествена, морална и духовна загаденост. Овде е клучно етичкото прашање: од каде правото на сегашните донесувачи на одлуки со ваквиот начин на егзистенција да одлучуваат за судбината на идните генерации со скусување на животниот простор.
За жал, сето ова е израз на профитерскиот однос кон природата и другите луѓе, сведен на филозофијата на гол прагматизам. Во прашање е непријателски однос кон просторот кој и онака е доволно згуснат и однесување како да сме последната генерација која живее во Охрид.
Ставот на членството на еколошкото друштво „Грашница“ е да не се дозволи урбанизација на Спортско-рекреативниот центар „Билјанини Извори“. Тој треба да ја задржи планираната и изворна намена и понатака да остане арена за спортски натпреварувања од балкански, европски, па и светски ранг“.
ЕД Грашница – Охрид