Охридското Езеро нема да се дава под концесија. Вака одлучи владата, по низа забелешки на подготвувањето на риболовните основи според кои министерството за земјоделство распиша јавен конкурс за давање на езерото под концесија.


Иницијатор на ваквиот потег уште пред 9 години беше еколошкото друштво  „Грашница“ кое уште тогаш ја започна кампањата за заштита на рибниот фонд во езерото. 

„Состојбата со рибниот фонд на езерото и по 9 години е иста. Очигледно е дека пастрмката ја нема, ефектот од одземањето на концесијата е минимален, а рибокрадците владеат со езерото“, предупреди претседателот на друштвото „Грашница“, Борче Стојаноски.


Екологистот Лазо Наумоски денеска на прес-конференција порача езерото да не се дава под концесија до 2014 година, период во кој се смета дека пастрмката ќе се врати во водите.

„По стопирањето на процесот за концесионирање бараме, управувањето со езерото да се додели на локалната самоуправа, зашто локалните власти подобро ги знаат проблемите, да се размисли кој вид риболов има предност, спортскиот или стопанскиот, а мрестилиштето во Хидробиолошкиот институт да прерасне во главен репро-центар за развој на рибниот фонд“, рече Наумоски.


Според него, неопходно е и формирање на мешовито македонско-албанско претпријатие кое  ќе се грижи за заштитата на рибниот фонд и преку кое полесно ќе се стигне до ИПА фондовите.

Екологистите од „Грашница “ најавија дека започнуваат со поагресивна кампања  за заштита на Охридското Езеро и рибниот фонд во него и оти постојано ќе ја алармираат Владата за горливите проблеми сврзани со најголемото природно богатство на Охрид и Македонија.

А.Р.