Непропорционално високи субвенции за малите хидроелектрани во Западен Балкан резултираат со големи штети по животната средина, а од нив профитираат богати бизнисмени кои се блиски или се дел од владите во регионот. Истовремено, придонесот кон производството на електрична енергија е незначителен – посочува нова студија објавена вчера од CEE Bankwatch Network.
Поткрепени од дарежливите повластени тарифи поддржани од државите, бројот на хидроелектрани помали од 10 MW во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија е четирикратно зголемен од 108 на најмалку 488 помеѓу 2009 и 2018 година. Во нашата земја бројот на мали хидроелектрани што добиваат повластени тарифи е зголемен тринаесет кратно – од 6 на 79 – во истиот тој период.
Додека во светот соларните и ветерни енергетски проекти растат со огромна брзина, во 2018 година не помалку од 70% од субвенциите за обновливи извори на енергија во регионот се дадени за мали хидроелектрани. И покрај ваквата поддршка, малите хидроелектрани придонеле со само 3,6% од вкупното производство на електрична енергија, се наведува во извештајот.
Крајно време е да се престане со давање субвенции за хидроенергија на Балканот. Впечатокот е дека од нив имаат корист само богатите, предизвикуваат големи штети по животната средина и го загрозуваат целиот процес на транзиција кон одржлив и енергетски ефикасен систем. – вели Пипа Галоп од CEE Bankwatch Network и главен автор на извештајот.
Реките и потоците, најчесто во заштитени подрачја или подрачја со исклучителни природни вредности како Националниот парк Маврово, Паркот на природата Стара планина во Србија и Националниот парк Валбона во Албанија, беа пренасочени во цевки со поставување брани, оставајќи суви речни корита и население што зависи од нив без важни извори на вода што предизвика и силни реакции од јавноста во регионот.
Во нашата земја во 2018 година, 95 мали хидроелектрани произвеле само 6,9% од вкупната електрична енергија, а добиле 42% (15 милиони евра) од субвенциите за обновлива енергија. Сите овие средства се директно наплатени од сметките за електрична енергија на граѓаните.
Субвенциите за хидроенергија се еден од главните двигатели на уништувањето на природните богатства во нашата земја и го загрозуваат пристапот до чиста вода, па така тие треба веднаш да се укинат. Хидроенергијата е зрела технологија што би требало да е конкурентна на пазарот и без субвенции, но исто така веќе имаме изградени повеќе од доволно мали хидроелектрани и со секоја наредна само се зголемува притисокот на екосистемите. Само технологиите што се уште се пробиваат на пазарот и чија цена се очекува дополнително да паѓа во иднина, како што се соларна и ветерна, треба и понатмау да се субвенционираат. – вели Давор Пехчевски од Еко-свест.
Фаворизирањето на хидроенергијата од страна на Владата дополнително се зголеми во 2019 година кога воведе покомпицирани процедури за субвенционирање на соларна и ветерна енергија, но го задржа „прв дојден-прв услужен“ системот со повластени тарифи за малите хидроелектрани што повлече и жалба до Енергетската заедница од граѓанските организации во јули оваа година.
Постоечките договори за концесии за мали хидроелектрани лоцирани спротивно на начелата за Законот за заштита на природата и Законот за води мора да бидат раскинати, а во идните повици за концесии, ваквите локации да бидат исклучени. Онаму каде што таквите проекти се веќе реализирани и штетата е веќе направена, како хидроцентралите во Националниот парк Маврово, институциите треба редовно да ги контролираат и ригорозно да ги казнуваат. Државата треба да воведе систем каде дел од казната за овие централи ќе биде сериозно намалување на повластената тарифа или губење на истата. – истакна Александра Бујароска од Фронт 21/42.
Шемите за поддршка го губат кредибилитетот кај јавноста затоа што од нив бенефицираат добро поврзани бизнисмени. Кај нас Вице-премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев поседува најмалку 27 мали хидроелектрани, а претседателот на најголемата опозициска апртија Христијан Мицкоски има најмалку 5 концесии. Во соседна Србија кумот на претседателот Александар Вучиќ, Никола Петровиќ, е меѓу најприсутните во бизнисот со мали хидроелектрани. Во Црна Гора субвенциите главно се слеваат кај луѓе блиски до преседателот Мило Ѓукановиќ, стои во извештајот.
Државата воведе потранспарентен систем за субвенционирање на ветерни и соларни електрани базиран на аукции и премии, но го задржа ситемот со повластени тарифи за хидроенергијата – спротивно на европските правила направени да овозможат пропорционално субвенционирање со најниска цена за граѓаните. – вели Пехчевски. Според него одлуките се носат за поддршка на приватни интереси наместо на јавниот интерес.
OhridNews